Во новобелградскиот Блок 13, на темелите на одамна започнатиот Музеј на револуцијата и во непосредна близина на Палатата „Србија“, Белградската филхармонија ги одржува своите концерти на отворено и на тоа место треба да биде нејзина нова зграда, која беше голема желба на Иван Тасовац, нејзиниот неодамна починатиот директор. Минатата година, Програмата за развој на Обединетите нации, заедно со бројни владини институции од Србија, распиша меѓународен архитектонски конкурс за идејно решение на Концертната сала на Белградската филхармонија. По два круга во силна конкуренција, победи предлогот на лондонското архитектонско биро „Аманда Левит“ (Amanda Levite Architects AL_A). Минатиот викенд Аманда Левит престојуваше со својот тим во Белград, одржа предавање на Архитектонскиот факултет и презентација во Белградската филхармонија.
Како се одлучивте да го работите конкурсот за Белградската филхармонија?
Не знам како би можела да не го работам. Секогаш сакавме да проектираме концертна сала. Музиката и архитектурата на многу различни начини се претставници на заедницата. Тие собираат луѓе, а Белградската филхармонија е многу повеќе од концертна сала. Се наоѓа на многу важна стратешка позиција. Овде Истокот се сретнува со Западот, на устието на две реки, се наоѓа во Нов Белград, во близина е стариот Белград, покрај Палатата „Србија“ и Музејот на современа уметност, овде има и тешки спомени. Капацитетот на локацијата е голем и треба да биде место на помирување. Не можам да замислам дека постои локација од која подобро може да се испрати пораката за Белград и напредокот. Ова е голема предност. И поради сето тоа навистина сакавме да создадеме облик, простор што ќе биде таков што Белградската филхармонија навистина ќе може да се слушне и на меѓународната сцена. Ќе добијат простор во кој ќе можат да растат.
Дали знаете дека на тоа место беше започна изградбата на Музејот на револуцијата?
Секако. Тоа е Блок 13. Досега сме работеле на два конкурса за концертни сали. Едниот беше за Универзитетот МИТ во Бостон, а другиот за лондонскиот симфониски оркестар. Ми се чини дека добро ги изработивме. Сепак, не победивме на тие конкурси. И тогаш, кога слушнав за овој белградскиот, знаев дека мораме да го работиме. Беше напорно, се трудевме да ја добиеме есенцијата на она што може да биде тоа здание. А всушност имате малку време да смислите што тоа ви значи вам, што на градот, а што на оркестарот. Бевме воодушевени кога влеговме во вториот круг. Ова е најголемата инвестиција во културата во регионот во последните неколку децении. И самото тоа испраќа многу важна порака.
Верувате ли дека ќе се изгради?
Секако. Колку што разбрав, овој проект има силна политичка поддршка. Сè е предводено од Обединетите нации, што е многу паметен стратешки потег, бидејќи се е подигнато на повисоко ниво. А мислам дека во Белград тоа е потребно.
На кое ниво на проектот, кога работите во странство, избирате локално биро со кое ќе соработувате?
Уште пред да влеземе во вториот круг, го забележавме Забриски студио. Тоа се белградски архитекти со кои сакавме да соработуваме на овој проект. Ги поканивме и ни рекоа дека веќе се вклучени во друг тим на овој конкурс. Потоа, кога влеговме во потесниот избор, мислам дека тие нас ни се јавија и рекоа дека не влегле во вториот круг со другиот архитект и побараа состанок. Мислам дека сите сакаа да работат со нив и испадна дека тие нас не интервјуираат за можна соработка. Имаме совршени партнери во тимот на Забриски. Од самиот почеток. Одлични се, добро вкоренети и добро поврзани, ентузијасти, даваат многу и се голема поддршка. Имаме силен меѓусебен афинитет. Апсолутно е задоволство да се работи со нив. Потребна ни е таа локална соработка, не можеме сами. Инаку, имаме интернационален тим – на директорско ниво се луѓе од три континенти. Во нашиот тим имаме луѓе од целиот свет, но јас сум целосно свесна дека овде сме релативно непознати. Имаме меѓународни потенцијали и многу сме задоволни што сме поканети во Белград да говориме за проектот, бидејќи тоа е можност да се претставиме пред локалната архитектонска заедница. Многу ми е важно да ги придобиеме и да не поддржат.
Вашиот проект е заводлив, а како што знаеме, од идеја до реализација многу нешта се случуваат. Всушност, колку често една идеја се разликува од она што се гради?
Разлики секогаш има, но мислам дека најважно е да се бориме за она што е есенција на проектот и неговиот концептуален интегритет. Ми се чини дека сум доста добра во преговарање и дека имам чувство кога треба да го смениме курсот. А тоа се случува кога ќе сфатите дека ограничувањата се прејаки, без разлика дали станува збор за регулативи, буџет или планирање. Планирањето е многу важно. Ќе направиме се што е во наша моќ да го реализираме тоа што сме го проектирале. Се разбира, на секое ниво се истражува повеќе, многу водиме сметка за балансот на акустиката и архитектурата. Важно ни е и на заинтересираните страни да им покажеме какви се можности постојат за Белград во овој потфат. Како што реков, ова е многу повеќе од концертна сала.
Тоа е и точка на собирање.
Точно. Локацијата е важна стратешка точка и луѓето ќе гравитираат кон неа. Блиску е до Музејот на современа уметност, кој е прекрасна зграда и навистина ја ценам. Проектиравме простори за собирање, локацијата е интересна не само во урбана туку и во социјална и општествена смисла. Тоа е, на некој начин и градски плоштад. Во парк е, а паркот сè уште не израснал доволно. Нашата стратегија за околниот зелен простор е дива природа. Целосно сме свесни за силата на природата на Големиот воен остров, кој е во непосредна близина. Тоа го нема ниту еден град во светот. Таква дивина среде град. Тоа е нешто несекојдневно и треба да му се оддаде почит. Дивината планирана за паркот и работ на реката е всушност продолжување на дивиот свет на островот. Буквално и метафорично. Сакаме да го поттикнеме диверзитетот на флората и фауната… и сакаме место за музика. Замислете, кога доаѓате, шетате низ таа прекрасна шума. Без разлика дали сте уметник или посетител. И тоа чувство на откривање – зградата не се открива одеднаш во целост. Можете да и пристапите од неколку страни и секогаш ќе ја гледате поинаку.
Многу сте ентузијастични и страствени.
Секако дека сум, јас тоа го живеам и дишам.
Извор: Политика