Под името „Операција термостат“, грчката влада ги утврдува насоките во врска со потрошувачката на енергија и нуди субвенции за државните субјекти кои ќе ја намалат потрошувачката. Планот е претставен во јавноста, а се фокусира на потрошувачката на енергија во јавните згради и предвидува зададената температура кај клима уредите да не биде пониска од 27 степени Целзиусови во лето и да не биде повисока од 19°C во зима.
Покрај итната имплементација, целта е намалување на потрошувачката за 10% во 2022 година, додека до 2030 година целта се зголемува на 30%. Со оглед на очекувањата јавната потрошувачка оваа година да достигне 1,165 милијарди евра (пред спроведување ан мерките), бенефитот од усвојувањето на новите мерки се проценува на стотици милиони евра.
Истовремено, владата ја најави програмата „Електра“ за енергетска реконструкција на јавните згради со буџет од 640 милиони евра. Целта е намалување на потрошувачката на зградите за 30%. Според презентираните податоци, потрошувачката на енергија за 212.000 објекти (згради, улично осветлување и пумпни станици), изнесувала 596 милиони евра во 2020 година, а во 2021 трошокот е 956 милиони евра. Согласно овој тренд, до крајот ан годинава се очекуваат трошоци за оваа намена во вредност од 1,165 милијарда евра.
За спроведување на мерките од планот „Операција термостат“, Министерството за финансии ќе користи електронска платформа во која ќе се регистрираат податоците и потрошувачката на секоја јавна зграда.