Шарлот Бишоф од Холандија, дури на 101. година дочекала да и се врати сликата што нацистите ја украле од нејзиниот татко за време на Втората светска војна. Сега одлучила, делото на познатиот холандски сликар Каспар Нетшер, да го продаде во Лондон, со помош на аукциската куќа „Sotheby’s“ и да обезбеди егзистенција за семејството.
Завршена е шест месеци долгата процедура, и Шарлот Бишоф ван Хемскерк ја испратила сликата на аукција во „Sotheby’s“ која ќе се одржи на 6. јули. Се очекува дека за сликата би можела да добие помеѓу 30.000 и 50.000 фунти.
Таа вели: „Имав пет браќа и сестри. Семејството има 20 потомци и тие се многу слатки, па никогаш немав чувство дека сликата е само моја. Таа е на семејството“.
Шарлот, која била активна во холандското движење на отпорот, никогаш не изгубила надеж дека сликата „Портретот на Стивен Волтерс“ од 1683 година ќе биде вратена.
Сликата го красела домот на нејзиниот татко во Арнхем, кој бил лекар и директор на детска болница и кој одбивал да соработува со нацистите.
Шарлот се сеќава како СС офицерите се појавиле во семејниот дом, непосредно откако нејзиниот татко се сокрил бидејќи „како и многу наши пријатели, кои беа однесени, одби да ги слуша наредбите на Германците“.
Иако портретот го чувал во банка, мислејќи дека таму ќе биде безбеден, за време на бранот грабежи, нацистите упаднале во трезорите и ја однеле сликата.
Така делото исчезнало без трага и 75 години никој не знаел каде била сликата.
Благодарение на напорите на членовите на Комисијата за украдени уметнички дела, со седиште во Лондон, утврдено е дека сликата се појавила во галерија во Дизелдорф во средината на 1950-тите, а била продадена на аукција во Амстердам во 1969 година.
Дополнителни информации биле дека портретот бил во сопственост на германски приватен колекционер од 1971 година.
По преговорите со колекционерот, чиј идентитет не се соопштува, сликата и е вратена на Шарлот минатата година.