Пратениците во Европскиот парламент со мнозинство гласови ја поддржаа забраната за пордажба на нови возила на бензин и дизел од 2035 година, со цел да се забрза преминот на електрични возила. Гласањето е во согласност со клучните планови на ЕУ за намалување на вкупните емисии на стакленички гасови за 55% до 2030 година, во споредба со нивото од 1990 година, што е цел која бара побрзо намалување на емисиите во индустријата, енергетиката и сообраќајот.
Законот сепак сеуште не е конечен. Гласањето ја потврдува позицијата на Парламентот за претстојните преговори со државите членки околу конечната верзија на законот. Намерата е јасна – забрзување на трансформацијата кон електрични возила и охрабрување на производителите на автомобили поинтензивно да вложуваат во електричните погони. Некои од производителите, како Ford и Volvо, јавно го поддржаа планот на ЕУ за запирање на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Но, сепак, интересните групи од автомобилската индустрија, вклучувајќи го и Германското здружение на автомобилската индустрија (VDA), лобираат за отфрлање на оваа цел за 2035 година. Тие сметаат дека ваквиот план ги казнува алтернативните горива со ниски емисии, и истакнуваат дека е прерано за забрана на фосилните горива со оглед на недоволно развиената инфраструктура за полнење на електрични возила.