Насловна / Вести / Не е познато каков е нашиот план Б за снабдување со гас

Не е познато каков е нашиот план Б за снабдување со гас

Геополитичките ризици сè повеќе доминираат врз енергетските синџири на снабдување, што за жал е поразително во свет кој се повикува на глобализацијата, новите технологии, одржливоста и солидарноста. Наместо техничките предизвици и економската исплатливост да бидат главната бариера во обезбедувањето енергенти, сведоци сме дека сега тие се помалку сериозен проблем. Цените достигнаа рекордни вредности. Влијанието врз животната средина исто така стана неважно, а енергетската транзиција и климатските цели се ставија во втор план. Светот стана толку зависен од одредени енергенти и од одредени извори на снабдување, така што веќе се чини дека императив е само овие енергенти и натаму да бидат достапни, без оглед на трошоците.

US Europe

ЕНЕРГЕТСКА ЗАВИСНОСТ ОД ЕДЕН ИЗВОР НА СНАБДУВАЊЕ

Последната криза во Украина, ги покажа на виделина сите последици на енергетската зависност од еден извор на снабдување. Се разбира, станува збор за природниот гас, поточно во нашиов случај – рускиот гас. Европската Унија обезбедува околу 40 отсто од своите потреби за природен гас од Русија, и тој процент е различен од земја во земја. Водечките економии како Германија и Франција се во различна позиција по однос нa ова прашање. Германија е во доста понеповолна, бидејќи околу 50 отсто обезбедува гас од Русија. Обидот да добие руски гас преку Балтикот со Северниот тек 2, за жал сè уште не знаеме како ќе заврши, со оглед на бројните контроверзии, повторно од геополитичка природа кои го одложуваат пуштањето на експлоатација на овој веќе изграден и важен инфраструктурен проект. Франција обезбедува помалку од една третина од своите потреби за природен гас од Русија. Дополнително, голем број земји од ЕУ сериозно работат на воведување алтернативи на овој енергент, и тоа не само во течниот природен гас, туку и преку користењето водород како гориво кое не емитува јаглерод диоксид и кое е важно оружје во реализирањето на т.н. енергетска транзиција.

ugs1

МАКЕДОНИЈА Е ВО НАЈНЕЗАВИДНА ПОЗИЦИЈА

Нашиот регион, а особено Македонија, Босна и Херцеговина и Молдавија се во најнезавидна позиција. Ова се единствените три земји во Европа кои имаат 100 отсто зависност од рускиот гас. Тие немаат ниту една друга рута, односно извор на снабдување со природен гас. Србија увезува околу 90 отсто од потребите од природен гас од Русија, а има околу 10 отсто свои сопствени извори. Притоа, особено важно е дека оваа земја има и сопствено подземно складиште за природен гас (Банатски двор), каде може да складира одредена количина за максимум околу 20 денови. Во регионот, вакво подземно складиште има и Бугарија во Чирен. За разлика од нив, ние немаме ниту сопствени извори, ниту алтернативен снабдувач, ниту подземно складиште. Сепак, во пресрет на наредната грејна сезона, нашите надлежни велат – имаме алтернатива. Дали навистина имаме алтернатива, или доколку поинаку го формулираме ова прашање тоа гласи – колку можности веќе пропуштивме? Имавме алтернатива да се вклучиме во некој регионален проект на гасовод, а досега не го направивме тоа. Оние активности пак кои се преземаат, се реализираат со исклучително бавна динамика. Со оглед дека снабдувањето со природен гас кај нас е само од еден извор, а гасоводот минува низ повеќе држави, тоа е сериозно изложено на геополитичките ризици на еден поширок регион. Гасната зависност, политичкиот ризик на транзитот и ризикот од физички оштетувања на гасоводот ја влошуваат позицијата, додека диверзификацијата во рутите на транзит ја прават една земја помалку ранлива. Затоа, диверзификацијата на изворите на снабдување е многу важна за сигурност во снабдувањето.

dependency_resize

ПОКРАЈ БРОЈНИТЕ ВЕТУВАЊА НЕМА ПОМЕСТУВАЊЕ

Согласно Зелената агенда за Западен Балкан (ноември, 2020, Софија), предвидена е диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, и Македонија како и другите земји од регионот на Западен Балкан се обврзала на тоа. Планирана е изградба на гасни интерконектори Македонија – Србија и Македонија – Косово. Македонија е членка на Central and South East Gas Connectivity (CESEC) иницијативата, а согласно Меморандумот за разбирање потпишан во Дубровник уште во 2015 година, планирани се гасни интерконектори помеѓу Македонија, Грција и Бугарија. Стратегијата за енергетика до 2040 година, планира реализација на гасен интерконектор Македонија – Грција до крајот на 2022 година, но изградбата сè уште не е започната, иако договорот е потпишан во јули 2021 година. Во тек е реализацијата на магистралните гасоводи Скопје – Тетово – Гостивар и Штип – Неготино – Битола, кои требаше да бидат целосно завршени во 2021 година, но има доцнење во реализацијата. Дистрибутивна мрежа за природен гас имаат само Куманово, Струмица и Скопје. Во изминатите години и покрај бројните ветувања, речиси нема поместување во овој сегмент, во смисла на поттикнување на потрошувачката на природен гас кај домаќинствата, и на пошироката територија на земјата.

Screenshot-2021-09-20-at-13.11.25_resize

„НИСКАТА ТРЕВА НИТУ ЕДЕН ВЕТЕР НЕ ЈА НИША“

Неодамна за DW, директорот на државната НЕР, Реџепи изјави: „Нашите планови се до крајот на оваа година да почне изградбата на интерконекторот со Грција и да заврши во 2024 година. Тоа за нас ќе значи диверзификација и стабилност во нашите извори за снабдување со природен гас, значи ќе можеме да се снабдуваме од јужниот гасен коридор ТАП (Трансјадрански гасовод кој обезбедува гас од Азербејџан), но и од ЛНГ-терминалите во нашиот јужен сосед. Гасниот интерконектор со Грција, ќе има годишен капацитет да пренесува 2,8 милијарди метри кубни и е со должина од 68 километри на наша територија. Ќе се финансира со 20 отсто грант од WBIF, 50 отсто заем од ЕИБ, кои се веќе потпишани, и 30 отсто со заем од ЕБОР. Договорот со ЕБОР, треба да се потпише во текот на втората половина од оваа година“, вели Реџепи. ТАП-гасоводот како проектна идеја се појави уште на почетокот на новиот милениум, започна да се гради во 2016 година, а веќе стана оперативен во 2020.

ch1_resize

Имаше известувања дека се преговара за вклучување во овој проект, кој минува низ Грција и Албанија, но неговата траса нè заобиколи. Сега, шансата е интерконекторот со Грција, со цел обезбедување гас од друг извор.  Но, 2024 е далеку, а мала утеха во целава гасна криза е фактот дека во секторот домаќинства имаме мал број потрошувачи на гас (неколку стотини во претходно споменатите градови кои имаат дистрибутивна мрежа). Така, според максимата „ниската трева ниту еден ветер не ја ниша“, се чини дека лесно ќе се снајдеме. Но, доминантен удел во потрошувачката на природен гас имаат компаниите за производство на електрична и топлинска енергија (граѓаните се засегнати како корисници на централно греење), како и металургијата (сектор кој е еден од главните извозници). Се разбира не помалку значајни се и капацитетите во технолошките индустриски зони, од кои голем дел исто така користат природен гас и немаат алтернативно гориво. Каков е нашиот план Б и дали воопшто го имаме, не е познато. Добивме само уверување од надлежните дека доколку дојде до прекин на гасот, ќе се најде алтернатива за три дена, односно дека толку време им е потребно на нашите енергетски и индустриски капацитети за да се префрлат на работа на алтернативно гориво – за жал, најверојатно мазут. Што ќе значи тоа за квалитетот на воздухот особено во Скопје, во таков режим на работа на топланите, не е тешко да се претпостави.

63c6c735-04a3-49c5-a9b5-159540326320_resize

За споредба, повторно ќе се навратиме на Германија со околу 50 отсто зависност од рускиот гас, чии главни потрошувачи се лоцирани во силната хемиска, металуршка и автомобилска индустрија, но и кај домаќинствата. Властите сериозно се подготвуваат за можноста рускиот гас да не биде расположлив на прагот на следната есен. Притоа, пакетот мерки може да вклучува и преземање контрола на државата над клучните енергетски компании, купување на дел од акциите, а се размислува дури и за нивна национализација. Со цел спасување на економијата, се размислува и за давање предност на индустријата пред домаќинствата како категорија потрошувачи. Дополнително, и во Германија, и во други земји од ЕУ, уште во текот на изминатава зима имаше бројни кампањи за штедење не само на природниот гас туку и да на другите енергенти. Кај нас за жал не видовме такви примери, освен само декларативна заложба дека треба рационално да се троши енергијата. И секако, уверувањето дека ситуацијата е под контрола и кризата успешно се менаџира.

russia-ukraine-europe-gas-crisis-concept-pipeline-tied-knot-d-illustration-white-background-86537348_resize

Испрати коментар

Scroll To Top