Насловна / Вести / Урбано шумарство – синергија меѓу заштитата на животната средина и урбаниот развој

Урбано шумарство – синергија меѓу заштитата на животната средина и урбаниот развој

Урбаното шумарство е сегмент од т.н. „зелена инфраструктура“. Посебно е важна улогата на дрвјата односно урбаните шуми наспроти тревниците, првенствено во однос на многу поголемиот учинок во апсорбирањето на полутантите од воздухот, кои предизвикуваат бројни респираторни заболувања и според проценките на Светската здравствена организација, околу седум милиони предвремени смртни случаи. Но, и покрај неспорните придобивки на урбаното шумарство во подобрувањето на квалитетот на живот во градовите, дрвјата во градовите се под постојана закана од забрзаната урбанизација. За волја на вистината, одредени градови и региони имаат сериозен удел на зелени површини и дрвја (но и т.н. сини површини односно езера и сл.), додека пак други (меѓу кои за жал и Скопје), не само што имаат хроничен недостаток на дрвја, туку и постоечките се честа мета на апетитите на градежните инвеститори.

2

СКОПЈЕ ВО ДОЛНИОТ ДЕЛ ОД ЛИСТАТА

Според неодамна објавените податоци од истражувањето на Европската агенција за животна средина (EEA), спроведено во соработка со Copernicus, при што се опфатени 38 главни градови во Европа, по застапеноста на вкупната зелена инфраструктура Загреб е на второ место веднаш зад Осло, а следуваат Љубљана, Хелсинки и Вилнус. На последните пет места се: Скопје, Приштина, Никозија, Атина и Валета. Во областа урбано шумарство, редоследот е Осло, Берн, Љубљана, Вилнус па Загреб. Според овој индикатор, Скопје е повторно во долниот дел од листата заедно со Тирана, Подгорица, Приштина, Атина, Никозија и Валета. Евидентно е дека југоисточна Европа е посебно ранлива кога станува збор за прашањата поврзани со урбаната инфраструктура. Од една страна и спецификите на климата сигурно не се најповолни за зачувување на зелените површини во овој регион, но дотолку повеќе треба да се има поголем фокус за овие прашања токму и поради фактот што е неопходно да се бориме и за ублажување на последиците од климатските промени. Дури и во самите градови, постои нерамномерност во однос на застапеноста на урбаното шумарство односно на вкупната зелена инфраструктура. Имено, јавните зелени површини се помалку застапени во подрачја чие население има понизок социоекономски статус. Иако Светската здравствена организација препорачува луѓето да живеат на максимална оддалеченост од 300 метри од зелени површини, сепак националните и локални препораки значително варираат кога станува збор за Европа.

3

СТРУЧЊАЦИТЕ СЕ РЕТКИ ВО ОВАА ОБЛАСТ

Секако, освен повисоката јавна свест и поставувањето на приоритетите кај донесувачите на одлуки, многу е важно образовниот систем да ја препознае и негува оваа дисциплина. На нашите универзитети урбаното шумарство не се изучува на додипломските студии, за разлика на пример од Загреб и Љубљана (оттука не треба да изненадуваат водечките позиции на овие градови во регионот согласно претходно цитираното истражување). Ретки се и стручњаците кај нас во оваа дисциплина. Една од нив е м-р Оља Папеш, која водена од желбата да студира надвор од Македонија, а и поради хрватското потекло, одлучува да се образува токму во областа на урбаното шумарство, на Факултетот за шумарство и дрвна технологија при Универзитетот во Загреб. На овој факултет таа дипломира на насоката Урбано шумарство, заштита на природата и околината во 2019 година, а во 2021 година магистрира во истата област. Интересот за оваа наука кај неа е единствен спој на архитектурата и заштитата на природата, кој во нејзиното семејство се негува со генерации наназад.

IMG_3148

„Двете баби, Олга Папеш и Надежда Бадиева, иако по струка архитекти, уште од мали нозе ме учеа како да се однесувам кон околината во која живеам. Бидејќи живееја во куќи со двор, лесно ми беше да ја разберам вредноста на дрвјата и придобивките кои ги имаме доколку ги засадуваме и негуваме. Баба ми Олга Папеш (1933 – 2011, еден од најзначајните архитекти во постземјотресно Скопје, коавтор на проектот за објектот на Народна банка и добитник на наградата Андреја Дамјанов, н.з.), по која го добив името постојано ми зборуваше дека треба секој слободен момент да го искористам за прошетка во паркот или пак да се качам на некоја планина и притоа да носам ќеса и да го соберам секое ѓубре кое ќе го најдам во природата. Свесно или несвесно, верувам дека ова се дел од причините поради кои се одлучив да се образувам понатаму во оваа насока, за разлика од брат ми, Симон Папеш кој е архитект, но секако и поради мојата желба да придонесам за урбан развој во синергија со човекот и природата“, вели м-р Оља Папеш.

PRO_7820

Со оглед на мојот повеќегодишен престој во Загреб, интересно ми е да направам одредена споредба во врска со застапеноста на зелената инфраструктура и грижата за истата, помеѓу Скопје и Загреб“, продолжува Папеш. „Имено, според последните достапни податоци од ЕЕА, Загреб има три пати поголема застапеност на зелена инфраструктура во споредба со Скопје. Исто така, загрижува фактот дека во Скопје се забележува сериозен степен на пренамена на земјиштето. Голем број на зелени површини во центарот на градот се пренаменуваат во станбени или во други инфраструктурни објекти, додека пак во Загреб, масовно градење од тој тип се случува на периферијата. Понатаму, за разлика од Водно кое трпи масовна урбанизација особено во последната деценија, Медведница крај Загреб е релативно заштитена во овој поглед, а парк-шумата Максимир изобилува со дрвја“, истакнува таа. Се разбира образовниот систем игра значајна улога и се рефлектира на состојбите кои ги забележуваме во Загреб и Скопје соодветно. Додека на Шумарскиот факултет во Скопје сè уште не постои студиска насока Урбано шумарство, на факултетот во Загреб оваа насока е активна веќе 15 години. Уште еден аспект кој сигурно придонесува за актуелните состојби е нивото на јавната свест и професионализмот кај сите чинители инволвирани во урбанистичкото планирање“, заклучува Папеш. Нејзиниот професионален ангажман во Скопје е врзан со невладиниот сектор, но таа и натаму соработува со своите загрепски колеги на одредени проекти во Хрватска.

3

Дополнително, според неа многу е важно одделно да се третира урбаното шумарство, како сегмент од урбаното зеленило, бидејќи неспорен е фактот дека учинокот на дрвјата во поглед на квалитетот на воздухот и ублажувањето на ефектот на „урбаните топлински острови“ е повеќекратно поголем отколку што тоа го прават тревниците. За жал, кај нас при урбанистичкото планирање се реферира само генерално – зелена површина. Ако се користи индикаторот за површина на зеленило по жител, се смета дека 25 квадратни метри зеленило по жител овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002-та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјалните податоци од ГУП 2012 – 2022, Скопје во 2011 имало 12,17 квадратни метри зеленило по жител според Пописот од 2002, односно 9,18 квадратни метри по жител сметано на 550 илјади жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 е предвидено 18,5 квадратни метри зеленило по жител, или околу 17 квадратни метри според реалниот број жители. Слична е состојбата и со другите градови во Македонија. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило.

Уште во 2019 година од страна на Град Скопје, а во соработка со УНДП презентиран е проектот „Зелен катастар“, за кој во тој момент е потврдено дека опфаќа 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило, а најавено е дека истиот континуирано ќе биде предмет на надоградба и ажурирање.

Од друга страна пак, направен е зелен катастар за градот Загреб и за Осијек каде е означено секое дрво кое е присутно не само во центарот туку и во поширокото подрачје на градот. За секое стебло се запишани детални информации: вид на дрвото на латински и на хрватски јазик, големина на стеблото, крошната како и височина на дрвото. Ваков информациски систем за зелени површини помага за ефикасно управување, одржување и планирање на јавните зелени површини. Дополнително се планира вклучување на граѓаните во ажурирање и пријавување штети на јавните зелени површини. Податоците се чуваат во базата на податоци, врз основа на кои е изграден геоинформациски систем во софтверот QGIS. (https://gis.zrinjevac.hr/)

Не случајно, градовите кои вложуваат во урбаното шумарство, односно генерално имаат значителен удел на зелени површини и во континуитет се грижат за нив, имаат и висок квалитет на живот на своите жители. На пример, Виена во 2021 година ја понесе титулата Европски град на дрвјата (European City of the Trees – ECOT). Градското претпријатие за одржување на градските градини (MA 42), посветува големо внимание на „белите дробови“ на градот. Освен што се грижи за околу 500 илјади стебла, задолжено е и за планирање, изградба и одржување на стотици градски паркови. Направен е и попис на видовите дрвја кои добро поднесуваат вибрации, високи температури и други фактори карактеристични за урбани средини. Се разбира, Виена има и катастар на дрвјата, кој содржи информации за видот и височината на секое стебло, обемот на стеблото како и годината на садење.

За крај, неизбежен е впечатокот дека иако Законот за урбано зеленило кај нас пропишува нормативи за застапеност на уделот на зеленилото при урбанистичкото планирање, сведоци сме дека зачувувањето на јавниот интерес во уредувањето и хуманизацијата на просторот е пред сериозен предизвик. Неопходен е поголем ангажман од страна на сите засегнати страни, вклучување стручни лица, јавни кампањи и слично, за да се иницираат промени. Дотогаш сите заложби на донесувачите на одлуки во оваа насока, за жал ќе останат само декларативни.

 

Испрати коментар

Scroll To Top