Британската пошта Royal Mail планира да набави флота од 500 дронови кои ќе се користат за достава на пратки во оддалечените заедници ширум Велика Британија. Но, за оваа услуга е потребно одобрение од агенцијата CAA за цивилна пловидба, а новите рути ќе зависат од „планираното подобрување на економијата на беспилотните летала“.
Royal Mail тестира дронови веќе некое време, а последното тестирање е реализирано во април на островите Shetland. Леталата имаат домет од околу 1.000 километри. Тие можат да понесат до 100 килограми товар, а ги задвижуваат два мотори со внатрешно согорување. Тие се првобитно дизајнирани да испорачуваат хуманитарна помош во Африка. За полетување им е потребен мал простор, како и за слетување. Дроновите летаат самостојно, и наменети се за средниот дел на процесот на испорака, бидејќи по доставата пратките ги превземаат поштенските службеници. Сепак, овие дронови ќе помогнат во ефикасноста на услугата и во намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Исто така, тие се поотпорни на лоши климатски услови.