Apple најави дека го укинува својот музички уред iPod Touch, со што става крај на линијата која според многумина означи револуција во начинот на кој луѓето слушаат музика. Тоа е всушност крај на една ера. компанијата вели дека овој гаџет ќе биде достапен додека траат залихите.
Кога беше лансиран првиот iPod во 2001 година, тој можеше да меморира 1000 нумери. Денес има над 90 милиони песни на сервисот на Apple за стриминг. IPod Touch е дизајниран од страна на истиот тим кој подоцна го измисли iPhone, и за кратко време целосно го засени. Во текот на годините, постоеја различни модели на iPod, вклучувајќи ги Nano и Shuffle, но iPod Touch, кој е лансиран во 2007 година, е последниот модел кој е укинат. Моменталната генерација на iPod Touch е претставена во 2019 година. Укинувањето на овој уред, Apple го објави во соопштение за јавноста под интересен наслов „Музиката живее понатаму“. Во истото соопштение се вели дека Apple корисниците сега уживаат во својата музика преку производите како iPhone, Apple Watch, Apple TV и HomePod mini.