Хироелектраната на висорамнината Тибет, чија брана е висока 180 метри, наместо луѓе ќе ја градат роботи и 3D принтери. Кинеските научници градилиштето го претвораат во најголем 3D принтер на светот, а завршетокот на проектот се очекува да биде во 2024 година. Багерите, камионите, булдожерите, машините за асфалтирање и сл., ќе бидат целосно контролирани од вештачката интелигенција. Процесот на изградба ќе биде со примена на адитивни технологии, што значи дека објектите ќе се печатат слој по слој. Хидроцентралата годишно ќе обезбедува околу 5 милијарди kWh електрична енергија од горниот тек на Жолтата река.
Oд проектниот тим ги истакнуваат бројните предности од примена на овие нови технологии во градежништвото, и посебно го истакнуваат фактот дека на овој начин ќе се елиминираат човечките грешки на градилиштето. Со оглед дека работните услови се исклучително тешки, често со недостаток на кислород што предизвикува дополнителна исцрпеност, роботите ќе ги заменат луѓето и изградбата ќе биде максимално безбедна. Примената на адитивните технологии овозможува и генерирање само мали количини отпад во споредба со класичната градба. 3D печатењето и досега е користено во градежништвото, но само на мали проекти главно резиденцијални објекти. Тимот напоменува дека оваа технологија може да се користи и во други инфраструктурни проекти, на пример во изградба на аеродроми и патишта.
Вештачката интелигенција во досегашните проекти имала само координативна улога. Кинеските градежни инженери на тој начин за само четири години ја изградиле втората најголема брана на светот Baihetan, со вкупна инсталирана моќност од 16,000MW.