Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, јавно го поддржа државниот предлог-закон кој ќе му олесни на градот да ги претвори недоволно искористените или празни хотели во прифатливи станови.
Адамс апелираше до законодавците на сојузната држава Њујорк да дадат зелено светло за оваа клучна алатка во борбата против кризата со доделување на станови, со која се планира и решавање на проблемот со бездомниците.
Конверзијата предложена со нацртот ќе им овозможи на властите да создадат станови со пристапни цени за помалку пари и за помалку време, пишува ArchDaily.
Според градоначалникот Адамс, станбената криза во градот бара креативност и нови алатки за градба и смета дека овој закон е неопходен прв чекор за да се отклучи потенцијалот што го нудат неискористените хотелски простори и на тој начин да се прошири понудата на станови со поволни цени.
“Се соочуваме со криза на бездомништво и со криза на достапни станови. Со преобразување на недоволно искористените хотели, можеме побрзо и поевтино да создадеме помошни станови. Можеме да обезбедиме достапно, трајно домување за семејствата, постарите лица и сите њујорчани на кои им е потребно, вклучувајќи ги и бездомниците, рече Адамс.
Овој предлог-закон го отвора патот за поголема флексибилност во американскиот закон и градежната регулатива за справување со недостигот на станови. Сегашната администрација на Њујорк веќе понуди 171 милион долари за финансирање засолништа за бездомници и дополнителни објекти.