Насловна / Интервју / Интервју: Да почнеме од почеток, да почнеме од скици

Интервју: Да почнеме од почеток, да почнеме од скици

da-pocneme-od-pocetok-1.jpgАрхитектот Јоханес Норландер беше еден од предавачите на Belgrade Design
Week 2013, кој за прв пат престојуваше во Белград. Каков е
архитектонскиот пристап на овој скандинавски архитект, во каква состојба
е архитектонската сцена во Шведска, зошто е подобра ситуацијата во
соседството и кои беа неговите архитектонски примери, говори специјално
за "Порта 3" самиот архитект Норландер.

 

За почеток, кажете ни нешто повеќе за себе?

 

Имам мало студио кое брои четворица архитекти и се наоѓа во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска. Долги години имав архитектонско студио во Стокхолм, каде завршив факултет, а пред неколку години се вратив во мојот роден град Гетеборг. Студирав архитектура и графички дизајн, а кариерата ја започнав со дизајн на намештај. Мојата идеја беше да почнам од мали размери, прво "дводимензионални работи" како графички дизајн или типографија, за потоа да се ориентирам на "тродимензионални објекти", помали објекти кои можете да ги контролирате. За мене беше многу логично да се почне со намештај, ентериери и мали куќи, за да се дојде до објекти со големи размери. Секако, цело време работиме на објекти со различни размери. Секогаш имав свое студио, не сум работел во големи фирми, како на почетокот во Стокхолм така и сега во Гетеборг.

 

da-pocneme-od-pocetok-1.jpg

 

На што работите моментално?

Моментално најмногу работиме на станбени објекти, на мошне големи објекти во Гетеборг и Стокхолм. Во тек е изградба на станбена зграда со 40-60 станови, и можам да кажам дека е многу интересно но и тешко, бидејќи минатата година работевме со приватни вили и можевме да се посветиме повеќе на естетиката и формите, а сега мораме повеќе да се фокусираме на работи кои ги контролираат изведувачите, што главно водат сметка само како да ги намалат трошоците. Тоа е тешка околина за работа, но се трудиме од социјална гледна точка да направиме што е можно најдобро во овој момент во Шведска. Ова на накој начин е експеримент, и не знам дали ќе продолжиме да работиме на станбени згради после овој проект.

Јас сакам работа на големи објекти, но најмногу сме заинтересирани да работиме на детали и квалитет, а сега главниот фокус е на парите. Како мало студио успеваме да работиме на големи проекти, и заради тоа моментално растеме.

 

Како би го дефинирале Вашиот архитектонски пристап? 

Во студиото многу работиме со архитипови, со архитипови на куќи, со она што е најосновна идеја, кога нешто гледате треба да добиете идеја што е тоа. На некој начин тоа е како еден концепт за куќа. Концепт може да биде нешто од историјата, од контекстот или од наследството. Во индустриска зона зградата може да изгледа индустриски, но сега се трудиме да се вратиме во оној период кога архитектурата беше добра во Шведска, а тоа е периодот до шеесеттите години. Оттогаш ништо значајно не се случило. Се обидуваме да видиме што направиле старите мајстори на почетокот на 20 век, што е класицизам, што е модернизам , и да почнеме од почеток, да почнеме од скици.

 

da-pocneme-od-pocetok-2.jpg

Зошто архитектурата не е добра денес во Шведска? 

 Мислам дека секаде е така, и дека тоа е еден глобален тренд, тоа има врска со префабрикувањето и со парите. Во 1965 година во Шведска имаше план за изградба на милион станови зашто градовите растеа, и тогаш се направени многу предградија на безобѕирен начин. Тоа е период кога архитектурата ја изгуби својата улога како носител на проектите, а изведувачите и инвеститорите ја преземаа главната позиција, и тоа има многу голема врска со префабрикувањето. После ова, архитектурата и естетиката на тие проекти се изгуби. Потребно е тоа повторно да се пронајде, тоа е улогата на архитектите.

 

Мислите ли дека позицијата на архитектите се променила денес? Јас можам да кажам како е во Шведска. Верувам дека младите архитектонски студија во Шведска се обидуваат повторно да создадат вредност на добрата архитектура и квалитет, нешто што не постоело со години. Луѓето почнуваат да го разбираат тоа, иста е работата на пример кога доаѓате од аеродром во Белград и по пат ги гледате сите тие предградија кои изгледаат многу лошо. Секаде е исто. Јас навистина лошо се чувствувам заради тоа, и се прашувам зошто го правиме тоа? Зошто не можеме да го промениме тоа за нешто што е одржливо?

 

da-pocneme-od-pocetok-3.jpg

 

Колку позицијата на архитектите се променила заради присуството на Интернет и достапноста на информации? 

 

Глобалната сцена е многу интересна, можете да знаете што се случува секаде низ светот, но јас не сум сигурен дека тоа е она што ни е потребно. Мислам дека повеќе треба да размислуваме локално, да биде одржливо од енергетска гледна точка, но исто така, денес секаде изгледа исто, рестораните овде или во Стокхолм се исти, а некогаш не беше така, и ова мене не ми се допаѓа. Јас сакам кога ќе отпатувам некаде да добијам некој впечаток и влијание, а ако сè е исто, тогаш нема причина за тоа.

Се обидувам да мислам локално, да разберам кое е моето наследство, која е историјата на архитектурата во Скандинавија, дали е тоа нешто што можам да го користам додека работам, тоа е нашиот моментален пристап.

Сè што е изградено и сите тие 3д рендери се исти, веќе не може да се каже кое од каде е, дали е од Полска или од Кина, тоа е како мода и нема никаква врска со одржливата архитектура. Нашиот пристап кон одржливоста не е само во употребата на дрвото, ефикасните материјали или слично, туку во естетиката и квалитетот, тоа е нашата цел кога работиме.

 

Тоа значи дека во Грција не би проектирале црна куќа како во Шведска?

Веројатно не, или можам да кажам "кој се грижи за контекст", јас можам тоа да го градам, тоа исто така може да биде пристап.

 

da-pocneme-od-pocetok-4.jpg

Кој влијаеше на Вашиот пристап кон архитектурата? 

 

Во младоста многу бев инспириран од јапонската архитектура, со наивниот пристап кој го имаа, но со тек на времето научив дека концептот што го имале и не е баш одржлив, архитектурата секогаш изгледа исто и не постои некоја длабочина во тоа. Не постојат материјали, ништо темно во тоа. Секако, многу сум инспириран од швајцарската и австриската архитектура, од Петер Цумтор кој тежнее кон нешто што има тежина и повеќе материјализирано. Во текот на студиите, секако тоа беше ОМА, Рем Колхас и останатите постмодернисти, а сега кога сум постар, сè повеќе од себе. Зошто да гледаш преку, зарем овде нема добра архитектура или зарем ја немало? Секако дека ја има, но морате да го пронајдете и вашиот личен пристап кон архитектурата.

 

Кога сфативте дека ќе бидете архитект? 

 

Кога бев многу млад, не знам зошто но веднаш после школото тргнав на студии. Пораснав во опкружување каде се создаваше. Моите родители имаа фабрика за производство на преградни ѕидови, во текот на летото секогаш работев во фабриката и многу работев со материјали, тоа секогаш ме интересираше.

 

Каква е архитектонската состојба во Шведска? 

 

Верувам дека климата за архитектура е добра, постојат многу мали студија кои се трудат да успеат. Има проблем бидејќи постојат три-четири големи студија во Шведска и тие работат сè, не постои таква работна клима како во Швајцарија каде има многу конкурси, и каде младите студија можат да учествуваат па дури и да добијат пари ако не победат и да продолжат да функционираат. Тоа кај нас го нема, освен тоа постојат многу регулативи и закони кои премногу ги дефинираат работите, а тоа може да биде и контрапродуктивно. Тоа, на накој начин, е како во "Процес" на Кафка, така се работи во Шведска!

 

da-pocneme-od-pocetok-5.jpg

Нели е тоа сосема спротивно од она што го гледаме во Данска? 

 

Да, токму така, а изградбата во Данска е многу помала од онаа во Шведска. Цената на изградба, која ја извршува иста компанија, е многу поголема во Шведска зашто, на накој начин, постои монопол од четири-пет градежни компании и тие градат многу скапо. Не знам ни зошто е толку скапо кога не се со толку добар квалитет. Во Данска е сосема поинаку, тоа има некаква врска со културата во архитектурата. Ние имаме иста историја кога се зборува за архитектурата, но тоа се изгуби во текот на шеесеттите години. Се надевам дека работите ќе се сменат. Данска е добар пример, имаат квалитетен занатски пристап, поевтино е да се гради, но сепак имаат големи студија како "Биг", кое работи глобална луда архитектура и за мене тоа е глупост, тоа не е нешто за кое би можел да бидам заинтересиран. Но имаат многу традиционална архитектура која е многу интересна.

 

da-pocneme-od-pocetok-6.jpg

Имате ли совет за младите? 

 

Верувам дека тоа е: да работите многу, да верувате во себе, да го пронајдете својот пат кој ќе го следите и кој би можел да го промени опкружувањето. Верувам дека е многу битно да имате личен пристап, да се внесете себеси, да ги пронајдете локалните корени и да бидете единствени. Секаде е исто, ако само копирате можеби ќе имате големо студио и многу пари, но ако тоа ве интересира тогаш е подобро да се занимавате со продажба на недвижнини.

 

м-р Ѓорѓе Јокиќ, дипл.инж.арх. (СРБИЈА)

Испрати коментар

Scroll To Top