Данското архитектонско студио Schmidt Hammer Lassen го претстави проектот на станбен блок кој ќе биде изработен од дрвени конструктивни елементи, а неговата фасада ќе биде покриена со теракота.
Објектот наречен Rocket & Tigerli ќе биде изграден на местото на поранешната индустриска област Локштад во швајцарскиот град Винтертур, недалеку од Цирих.
Ќе се состои од четири тома со различна висина, од кои највисокиот ќе достигне 100 метри, што ќе ја направи зградата највисоката зграда во светот со дрвена носечка конструкција.
Кога ќе се изгради, што е според планот во 2026 година, оваа швајцарска станбена зграда треба да ја надмине сегашната највисока дрвена станбена кула – Мјестарнет во Норвешка, која е висока 85,4 метри, пишува Dezeen.
Архитектите од Schmidt Hammer Lassen ја проектирале зградата заедно со локалното архитектонско студио Cometti Truffer Hodel, додека за структурното јадро од цврсто дрво и проектот за носечки систем тие соработувале со градежната компанија Импленија и Универзитетот ЕТХ од Цирих.
Rocket & Tigerli ќе има станбени единици како и сместување за студенти, а планирани се и ресторан, малопродажен простор, бар и хотел. Во приземната зона сите овие простори ќе бидат поврзани со зелен јавен плоштад како и пешачки патеки.
Според презентираниот проект, секој од четирите блока ќе има свој визуелен идентитет, со цел да им помогне на станарите да создадат чувство на припадност кон местото и соседството.
Прикажаните рендери покажуваат дека фасадата е планирана да биде обложена со црвени и жолти теракотни тули со зелени детали, кои ќе ги рефлектираат и имитираат црвените покриви и жолтите тули на околните згради.
“Зградата ги презема боите, материјалите и текстурите на Локштад“, вели Кристијан Алмарк од Schmidt Hammer Lassen, објаснувајќи дека студиото сака да создаде уникатна знаменитост во овој швајцарски град.
“Спроведовме серија аналитички снимки за да видиме како ќе изгледа оваа зграда во конфигурација со другите високи згради во градот. Дополнително, сакавме да создадеме обележје што ќе придонесе за кореографија на повисоките структури кои веќе се во срцето на Локштад“, додава Алмарк.
Блоковите ќе имаат решеткаста надворешност составена од хоризонтални и вертикални ленти од тули и плочки. Балконите, терасите и стаклените панели ќе ги пополнат просторите меѓу лентите, внесувајќи дневна светлина во секоја од станбените единици.