Во 60-тите години од минатиот век, Данте во Вирџинија, САД е место во зенитот на својот економски развој во чиј центар е експлоатацијата на јагленот. Со 6.000 жители, болница, училишта, железничка линија и целата неопходна инфраструктура, Данте обезбедува повеќе од солиден квалитет на живот за своите граѓани, односно рударите со своите семејства. „Живеевме во балон каде јагленот беше крал, животот беше добар, сите имаа пари“, велат повозрасните кои ги живееле овие „златни“ времиња. Денес, ништо од тоа не постои. Како што згаснува индустријата на јагленот, со текот на годините новите индустрии тешко заживуваат во ова место. Се до неодамна, кога се чини е пронајден вистинскиот рецепт за преобразба – трансформација на Данте во центар на екотуризмот, но и место каде голем број работници – дигитални номади ќе можат да работат од далечина.
Формирана е групата Dante Community Association, која работи на ремедијација нa просторот на напуштените рудници во градот, ревитализација на локалната економија и враќање на природните убавини. Денес во местото живеат 600 луѓе, од кои 40% во сиромаштија. Со активностите на групата, односно проектите кои ги спроведува, сликата полека се менува – фотоволтаични постројки, патеки за планинарење и планински велосипедизам, развој на рециклажната индустрија и сл. , како и заштита на околните шуми.