Секоја држава во светот ги пресметува во својот јаглероден отпечаток оние емисии кои се генерирани на територијата на државата, а Шведска сега го проширува тоа и на емисиите кои доаѓаат од производи и стоки кои земјата ги купува од странство. Шведскиот парламентарен одбор за животна средина гласал за тоа климатските цели за намалување на емисиите го опфатат и јаглерод диоксидот испуштен во производството и транспортот на стоките од странство. Со тоа, Шведска стана првата земја во светот која се одважи да го направи овој чекор и така да ја подигне летвичката во борбата против климатските промени.
Се проценува дека околу 22% од глобалната емисија на јаглерод диоксид потекнува од стоката која се произведува во една земја, а се транспортира и конзумира во друга. Ова го покажуваат податоците на организацијата European Geosciences Union. Во Шведска тој удел е речси три пати поголем. Повеќе од 60% од емисиите во земјите кои се регистрирани во 2019 година, потекнуваат од увозот на стоки, покажува Global Carbon Atlas. Според резултатите од истражувањето на Европската Инвестициска банка, дури 76% од жителите на оваа скандинавска земја би ја поддржале својата влада во заострувањето на мерките за промена на образецот на однесување во однос на јаглеродниот отпечаток. Сите осум политички партии во шведскиот парламент се согласни со ваквото проширување на климатската политика, според кое оваа земја во блиска иднина би ја презела одговорноста и за јаглеродниот отпечаток од увезената стока.
Одлуката на Шведска се надоврзува на планот на Европската унија да воведе данок на јаглерод на увозот на одредени стоки, односно CBAM – механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот. Шведска секако го поддржува CBAM, кој би требало да стапи на сила до 2026 година, и ќе ги опфати увозот на цемент, железо и челик, ѓубрива, алуминиум и електрична енергија. Предложените нови цели кои треба да ги усвои шведската влада, ќе ги земат во предвид емисиите кои се испуштаат на меѓународно ниво за производите од широка потрошувачка кои државата ги увезува. Тоа ќе вклучува и храна, електроника, градежни материјали и сл. Новата климатска иницијатива ја поставува Шведска како лидер во овој сегмент на борба против климатските промени.