Иако подготовките за еколошка реконструкција на термоцентралата (ТЕ) „Плевља“ официјално се започнати во јануари 2018 година, во еден период било неизвесно дали оваа термоцентрала же биде модернизирана, со цел продолжување на работниот век и усогласување со еколошките стандарди, или ќе престане со работа. Договорот со изведувачот на работите, вреден 54 милиони евра, е потпишан со конзорциумот DEC International-Bemax-BB Solar-Permonte во јуни 2020 година. Градежните работи на еколошката реконструкција на ТЕ „Плевља“ конечно ќе започнат на 11-ти април, најавил извршниот директор на „Електропривреда Црне Горе“ EPCG.
Оваа термоцентрала веќе ги има потрошено одобрените 20.000 работни часови согласно opt-out режимот за примена на ЕУ Директивата за големи ложишта, па Секретаријатот на Енергетската заедница покрена спор против Црна Гора. EPCG очекува позитивен исход, бидејќи ги има превземено сите мерки и чекори на планот на еколошката реконструкција и задоволување на стандардите за емисиите на азотни оксиди, сулфурен диоксид, прашина и ефикасност над 30%. Членките на Енергетската заедница – Црна Гора, Србија и БиХ го прифатија opt-out механизмот како начин да ја исполнат обврската за примена на ЕУ Директивата за големи ложишта, чија цел е намалување на загадувањето на воздухот и емисијата на штетни материи. Овој механизам нуди дополнително време за сопствениците на термоцентралите, за модернизација во согласност со ЕУ стандардите или да се подготват за нивно затворање. ТЕ „Плевља“, една од петте термоцентрали во овој режим, веќе го искористила лимитот на крајот на 2020 година, и иако досега не е модернизирана, не беше затворена. Оваа термоцентрала обезбедува 40% од производството на електрична енергија на Црна Гора.