Соработката на владата на Софија и Атина во областа на енергетиката, продолжува со најавите за завршување на гасоводот IGB, кој на Бугарија би и овозможил пристап до азербејџанскиот гас и за терминал за течен природен гас (ТПГ) во Александрополис. Двете земји најавуваат и соработка во областа на нуклеарната енергија, имајќи предвид дека Бугарија планира изградба на еден реактор. Гасниот интерконектор Грција Бугарија (IGB), ќе биде завршен до крајот на јуни, а би требало да почне со работа веќе во септември.
Предвидениот годишен капацитет на гасоводот е до 3 милијарди кубни метри, а во зависност од интересот на пазарот и капацитетите на соседните гасоводни мрежи, овој капацитет ќе може да се зголеми до 5 милијарди метри кубни годишно. Интерконекторот вреди 220 милиони евра и ја поврзува грчката преносна мрежа во областа Комотини со бугарската мрежа во близина на Стара Загора. Gasovodot e dolg 180km, и го гради заедничката компанија на државната енергетска компанија БЕХ, грчкото гасно претпријатие DEPA и италијанскиот Edison. Бугарија од Русија увезува помеѓу 70 и 90% од гасот и 60% од нафтата, Меѓутоа, официјална Софија ја разгледува можноста за увоз на азербејџанскиот гас преку Грција кога IGB ќе биде оперативен. Дополнителни количини на ТПГ ќе доаѓаат од гасниот терминал во Александрополис. Но, премиерот Петков неодамна истакнал дека ќе бара изземање од воведувањето на ембарго кон „Газпром“, доколку ЕУ разгледува таква можност.
Бугарија во моментот има два нуклеарни реактора во Козлодуј, кои произведуваат околу една третина од електричната енергија во земјата. Атина и Софија разгледуваат и перспективи за билатерален договор за испорака на електрична енергија од нуклеарните извори во Бугарија за Грција. Бугарија планира и да ја забрза изградбата на нов нуклеарен реактор, најверојатно во постоечката електрана Козлодуј. Доколку изградбата започне оваа година, реакторот би бил оперативен во периодот помеѓу 2028 и 2030 година.