Амбасадорите на земјите од ЕУ, во Брисел разговараат за предлози за решавање на растечките цени на електричната енергија, бидејќи голем број земји бараат ограничување на максималните цени. Европската Комисија најави дека до средината на мај ќе претстави можни решенија за оптимизација на пазарите на електрична енергија, регулирање на цените во вонредни околности со евентуално раздвојување на цените на гасот од цените на електрична енергија, со цел на земјите да им се понудат опции за итна државна помош на компаниите кои се погодени со скокот на цените.
Во Брисел се истакнува дека моменталната геополитичка ситуација бара дополнителни краткорочни мерки за решавање на пазарните нерамнотежи во областа на енергетиката, како и мерки за обезбедување на снабдувањето во годините кои доаѓаат. Во ситуација кога цените на енергентите во Европа достгнуваат рекордни вредности, ЕУ е сложна дека во наредниот период мора да обезбеди независност од руските фосилни горива.