Во Турција во петокот во 16 часот свечено се отвори мостот „Чанакале 1915“ над мореузот Дарданели, кој ги поврзува Европа и Азија.
Мостот, познат и како „ѓердан на теснецот Чанакале“, свечено го отвори турскиот претседател на 107-годишнината од поморската битка во Чанакале. Како што е наведено, ќе стане најдолгиот висечки мост со среден распон во светот.
Мостот ќе го скрати времето на патување меѓу Азија и Европа на само шест минути. Патувањето со траект меѓу европската и азиската страна на Дарданелите трае приближно 30 минути, а превозот со траект понекогаш се откажува поради невреме. Исто така ќе го реши проблемот, особено за време на годишните одмори кога се чека за траект со часови.
Мостот „Чанакале 1915“ е најдолгиот висечки мост во светот, со вкупна должина од 4.608 метри, со распон меѓу носечките столбови од 2.023 метри, должина што ја симболизира 2023 година, кога се одбележува 100-годишнината од основањето на Република Турција, чии темели ги поставил „татко на нацијата“ Кемал Ататурк.
Пилоните, во форма на артилериски гранати во чест на битката кај Галиполи, се високи 318 метри и обоени црвено-бело, односно во боите на турското знаме.
Изградбата започна во март 2018 година, а проектот чинеше вкупно 3,1 милијарди евра, 100 милиони евра повеќе од планираното, поради влијанието на пандемијата и зголемените цени на материјалите.
Се проценува дека завршувањето на овој проект ќе го намали траектниот сообраќај, особено за време на летните месеци и државните празници, и ќе стане алтернативна рута за транспорт од Истанбул и Тракија до регионите Мармара и Егејското Море.
Покрај намалувањето на времето на патување, проектот ќе обезбеди интеграција на пристаништата во регионите на Марморното и Егејското Море во сите транспортни системи.
Овој мегапроект, кој го реализираше конзорциум од јужнокорејски и турски компании, ќе биде четврти мост во Турција и петта сообраќајница што ги поврзува Азија и Европа, по Мостот на мачениците 15 јули, мостот Фатих Султан Мехмет, мостот Јавуз Султан Селим , Железничкиот тунел Мармарај и Евроазискиот тунел.