Насловна / Вести / Новите автопатишта отвораат илјадници работни места

Новите автопатишта отвораат илјадници работни места

stavrevski novi patista novi rabotni mesta_2_resize
Изградбата на трите автопати во земјава, односно од Миладиновци до Штип, од Кичево до Охрид и автопатот на Коридорот 10 ќе имаат повеќекратно влијание врз македонската економија, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
„Повеќекратни ќе бидат позитивните ефекти и очекувам дека во следните три до четири години ќе имаме повисок пораст на економската активност, но и поголем број вработувања во делот на ангажманот на домашни работници. Веќе имаме 1.500 работни места кои директно се отворени и кои се резултат на почеток на реализација на овие автопати и во иднина очекувам илјадници македонски работници да бидат ангажирани на изградбата на овие автопати“, изјави Ставрески.

stavrevski novi patista novi rabotni mesta_1_resize
Тој додаде дека на макроекономски план тие ќе го подигнат нивото на пораст на БДП за околу 1 отсто годишно со директен ефект со ангажман на домашни фирми како изведувачи или подизведувачи во делот на градежништвото.
Потенцира дека се ангажирани Гранит и Бетон, но дека ќе бидат ангажирани како подизведувачи помали фирми во делот на изведување градежни работи, потоа за користење градежни материјали, за снабдување стоки и давање услуги.
Aвтопатот Миладиновци – Штип, чија изградба почна во февруари годинава, ќе биде долг 47 километри, широк 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, обезбедени од кинеската Ексим банка.
Автопатот Кичево-Охрид, треба да биде сo должина од 57 километри, ширина од 25,5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас. Вкупната вредност на инвестицијата во согласност со договорите изнесува 372 милиони евра. Двете автопатски делници ги гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорешн лимитед“, која има обврска да ангажира за работа минимум 51 процент македонски државјани.
Инвестицијата, пак, за изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, во должина од 28 километри, изнесува 210 милиони евра. Проектот почна во септември 2012 година, а го реализира грчката компанија „Актор“.

Испрати коментар

Scroll To Top