Една од најпознатите скулптури на ренесансниот уметник Микеланџело Буонароти е во опасност да се сруши, пренесува BBC.
На статуата на Давид се појавиле знаци на микро-фрактури кои укажуваат на тоа дека тој би можел да се скрши. „Давид“ наскоро може да пропадне под сопствената тежина поради пукнатини во глуждовите на статуата.
Скулптурата тешка 5,5 тони и пет метри висина, покажува знаци на микро-пукнатини, а научниците од Фиренца предупредуваат дека наскоро може да пропадне под сопствената тежина.
Тие се сомневаат дека штетата настанала поради тоа што една од најпознатите статуи во светот три века била изложена на главниот плоштад, и била наведната под опасен агол.
Експертите за реставрација предупредија дека „Давид“ може да пропадне при најмал потрес. Рушењето на статуата би можело да го предизвикаат земјотреси, но и работењето на патишта, па е препорачано да се премести или во некоја просторија отпорна на потреси или на друго место надвор од Фиренца.
Ремек-делото на Микеланџело и пред тоа било кревко поради неквалитетниот мермер од кој познатиот уметник ја изработил оваа скулптура со голема тежина. Микеланџело ја вајал статуата помеѓу 1501 и 1504 година, и таа го претставува библискиот Давид во моментот пред борбата со Голијат.