Технолошкиот развој не може прецизно да се предвиди, тој е брз и се разбира иновативен. Толку многу нешта се случуваат ширум светот, така што еден мал детал може да влијае на промена на курсот. Во изминатата деценија, видовме многу нови технологии – од вештачката интелигенција, машинското учење, роботиката до нанотехнологијата, и тие веќе го променија светот. Брзината на интернетот е зголемена десеткратно. Дури и начинот на кој се поврзуваме и ги плаќаме сметките драстично се промени. Пресвртните точки во технологијата навистина не може да се предвидат, но сепак големите бизнис-консултантски куќи, специјализираните магазини, но и Светскиот економски форум, се потрудија да направат анализи и да ги издвојат според нив најзначајните технолошки иновации кои може да остават печат на 2022 година, односно би можеле да сведочиме за нивно етаблирање како вообичаен бизнис. Во продолжение Ви претставуваме дел од нив, кои најчесто се појавуваат во анализите од различни извори.
Метаверзум
Метаверзум е денес веројатно еден од најпребаруваните поими. Во основа, станува збор за виртуелен свет создаден со комбинирање различни технологии, вклучувајќи виртуелна и проширена реалност. Компаниите како на пример Facebook, очекуваат дека метаверзумот ќе стане место каде ќе одиме да се среќаваме, работиме, играме, учиме и купуваме. Оваа „проширена реалност“ се предвидува дека ќе биде следната еволуција на интернетот која ќе ја замагли границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет.
Самоѓубречки посеви
Вештачките ѓубрива кои се користат во земјоделството, секоја година содржат 110 милиони тони азот, што учествува со 1 – 2 % во вкупната глобална емисија на јаглерод диоксид. Но, одредени земјоделски култури како на пример гравот, сојата, грашокот и на нив сличните, можат да користат „паметен начин“ самите да си го обезбедат потребниот азот. Овој концепт е веќе меѓу најдобрите 10 технологии на 2021 година според списанието Scientific American, но се очекува во оваа година тоа да биде изводливо и за житарките, што би донело вистинска револуција.
Криптовалути
Криптовалутите полека, но сигурно се придвижуваат од иновативен концепт кон секојдневие. Ел Салвадор во Централна Америка, стана првата земја која го направи биткоинот, најпопуларна криптовалута, легално платежно средство во септември 2021 година. Во меѓувреме, централните банки во Шведска, Канада, ЕУ и Велика Британија размислуваат за сопствени дигитални валути. Сепак, секоја прилика носи со себе и одредени закани и ризици. Некои земји се прилично претпазливи во тој поглед. Кина, Бангладеш, Катар, Египет и Мароко имаат забрана за криптовалутите. Користењето моќни компјутерски системи за „рударење“ на криптовалути е исто така штетно за животната средина. Но, постојат технолошки експерти кои веруваат дека со правилна регулација во оваа област, криптовалутите може во иднина да станат најодржливото платежно средство.
Нискојаглероден транспорт
Денес помалку од 2 % од патничкиот сообраќај се реализира со флота која има нула емисии. Но, како резултат на зголемениот обем на транспорт на стоки – и преку железница и преку поморскиот сообраќај, се појави потребата од имплементирање на нискојаглеродни решенија. Се разбира и патничкиот сообраќај ги следи овие трендови. Тука се веќе патничкиот воз со нулта емисија Coradia iLint, како и развојот на алтернативни горива за бродски транспорт како што е зелениот амонијак, гас без јаглерод генериран со користење енергија од обновливи извори. Бариерите испречени пред поширока примена на овие технологии не се само технички туку и политички, со оглед дека сериозните трансформации бараат и сериозни капитални инвестиции. Но, се верува дека 2022 година може да донесе позначајно поместување. Францускиот производител на шински возила Alstom вели дека нивниот Coradia iLint е првиот патнички воз во светот со водородни горивни ќелии, но дека нивната амбиција не застанува тука.
Тивко суперсонично летало
Огромната бука на легендарниот Конкорд, познатиот суперсоничен патнички авион како и огромните оперативни трошоци, ја запечатија неговата судбина. Оттогаш научниците се во потрага по суперсоничен авион кој ќе биде потивок и кој нема да има забрани на аеродромите во близина на населени места. Во 2022 година, Nasina X-59 на НАСА ќе го изврши својот прв пробен лет. Се очекува пробивањето на звучниот ѕид на овој авион да генерира помала бука, па НАСА се надева дека тоа ќе овозможи регулаторите да ја укинат претходно споменатата забрана за суперсоничните авиони, што би најавило нова ера за комерцијалните суперсонични летови.
Квантни компјутери
Идејата која во 90-тите години од минатиот век постоеше само во теорија, денес прерасна во натпревар меѓу државите и технолошките компании, вреден повеќе милијарди долари. Целта на овој натпревар е да се искористат карактеристиките на квантната физика за изградба на нов тип супермоќни компјутери. За разлика од основните бинарни елементи на класичните компјутери, или битови кои претставуваат „0“ или „1“, квантните битови наречени кубити може истовремено да претставуваат и едно и друго. Со спојувањето на кубитите, квантните компјутери можат напоредно да обработуваат огромни количини на податоци, додека класичните компјутери тоа го прават секвенционално. Се разбира, излишно е да се зборува каков пресврт би предизвикала комерцијализацијата на оваа технологија во финансиите, биотехнологијата, фармацијата и во многу други сектори.
Вакцини mRNA против ХИВ и маларија
Огромниот успех на вакцината против корона базирана на информациската РНК (mRNA) е предвесник на златната доба во развојот на вакцините токму со користење на оваа технологија. Развојот на оваа технологија датира уште од 90-тите години на минатиот век, но со КОВИД- пандемијата и мобилизацијата на повеќе лаборатории истовремено во напорите да се застане на пат на пандемијата, се забрза отворањето на ново поглавје во начинот на кој и во иднина ќе се работат вакцините. Во моментот вакцина за ХИВ со mRNA технологија развива компанијата „Модерна“, додека „Фајзер – Бионтек“ работат на вакцина против маларија. Клиничките испитувања на овие вакцини се очекуваат во 2022 година.
3D коскени импланти
Долго време истражувачите развиваат техники за создавање вештачки органи користејќи технологија на 3D печатење на биолошки материјал. Целта е од неколку клетки од пациентот да се синтетизираат целосно функционални органи за трансплантација, што за многумина би значело нов живот веднаш, без мачно чекање на долгите листи. Оваа технологија сè уште е далеку од меките ткива, но за коските ситуацијата е понадежна. Две стартап компании кои работат на овој предизвик – 3D Particle и A.D.A.M., уверуваат дека 3D печатените коски ќе бидат достапни за трансплантација во 2022 година. И двете компании користат минерали базирани на калциум.
Вселенски туризам
Во оваа област 2021 година донесе многу новини, благодарение на упорноста на супермилијардерите да однесат цивили во вселената. Во јули, Ричард Бренсон го лансираше успешно своето летало во суборбиталниот простор, а нешто подоцна тоа го стори и Џеф Безос. Во септември, Илон Маск испрати четири лица на повеќедневна „екскурзија“ околу Земјата. Сите три компании веруваат дека во 2022 година ќе направат нов исчекор, и дека ова ќе биде првата година во која во вселената ќе патуваат и „обични смртници“, а не само владини службеници и супербогаташи.