Насловна / Архитектура / Два камени бисери од македонското градежно нaследство

Два камени бисери од македонското градежно нaследство

Секое загледување наназад во градителството на Македонија, меѓу другото неизбежно нè упатува на недвижното културно наследство од мијачкиот и од реканско-дебарскиот крај. Овој простор како културно наследство нуди ретки разновидности и достигнувања на полето на народното градежништво.

Вдахновеноста и благородната жед за создавање на луѓето од оваа ретко видена природна област се причините за изградени голем број на градби, кои и покрај сите „агресивни сили“ и непогоди, дел од нив и денес опстојуваат.

image (6)

Народните неимари се инспирирале од природната симфонија на карпите, кањоните, сликите на пејзажот, бујната вегетација и изобилството на водените текови да изградат објекти со трајни, универзални вредности. Тие своето градежно искуство од крајот на 17 век почнале да го применуваат низ целиот Балкан, Италија, Мала Азија, а од 19 век и во Америка. Во туѓина како квалитетни неимари, изградиле многу значајни објекти, како голем број на цркви, палати, облакодери и мостови стекнувајќи голема слава.

Со краток незаборав, сакам овој пат да потсетам на мостовите во мијачкиот и во реканско-дебарскиот крај, изградени од рацете на мајсторите Реканци, дебарчани и Дримколци. Мостовите се еден вид симбол на човековата победа над силата на немирните води и непристапната природа. Препреките од природата, на кои наидува човекот за да ги премине реките се тешки, но со своето искуство за градење, посебно со мостовите тој успева да ги надмине. Но мостовите не се само обични градби од камен, бетон или челик со кои се премостува некоја река. Тие се места кои ги спојуваат и бреговите и луѓето и претставуваат симбол на животот, поврзаноста и пријателството.

Таков е примерот со мостовите изградени на реката Радика и на нејзината притока Мала Река.

ЕЛЕН СКОК

Од месноста Бошков Мост на регионалниот пат Маврово – Дебар по Радика, кога ќе се сврти лево кон малореканските села по течението на Мала Река, по шестотини метри изминат пат наидувате на една невообичаена градба изникната над водите на реката и среде разновидното интензивно зеленило. Тоа е мостот Елен скок кој ги спојува двата брега на немирната и пенлива Мала Река.

image (5)

Со прекрасната вклопеност во волшебната природна убавина, специфичната градба, форма и силуета, мостот уште на прв поглед плени и го задржува вниманието на секој минувач и посетител. Елен скок е изграден наспроти селото Могорче во втората половина на 18 век и сè уште му пркоси на времето и за жал, на несоодветната заштита за ваков вид на градби од македонското културно наследство.

За изградбата на мостот се раскажуваат и запишани се многу легенди. Но едно е точно, овдешните локални мајстори го изградиле овој мост инспирирани од плановите и од градбите на градителот на Стариот мост на реката Неретва во Мостар, Мимар Хајрудин, еден од најталентираните османлиски архитекти, кој бил ученик на славниот турски архитект Мимар Синан.

image (3)

Елен скок ги поврзувал населените места од Полошката и Дебарската Котлина, всушност елоциран е на еден од краците на познатиот пат Виа Игнација, кој минувал низ Гостивар, Маврово, Галичник, Сушица па сè до Дебар. Мостот како да е изграден во еден миг, од делкан камен со само еден лак. Извиениот лак претставува редок пример на мајсторството на луѓето од овој крај кои го изградиле со своите раце, чекани и дрвено скеле, без механизација и други современи материјали. Лакот заличува на скок на елен и затоа го добил името Елен скок. Од овој концепт на градба се воодушевуваат и инспирираат и денешните градежни инженери.

image (1)

Овој мал, би рекол магичен мост, кој сè уште ја нема добиено потребната и заслужена слава и популарност, за посетителите и намерниците е вистински рај за душата и вонсериска убавина за очите. И денес, всушност како и во минатото откако е направен, мостот служи за премин од едниот на другиот брег на Мала Река. Така од Могорче маркирана е планинарска патека за Сушица и Галичник, која ја користат планинари, ловџии и велосипедисти кои често го преминуваат мостот движејќи се по камената калдрма.

ГОРЕНЕЧКИ МОСТ

Од Могорче, неколку километри подолу, на Радика, кај сливот во Црн Дрим во непосредна близина на Горенци бил изграден уште поимпозантен мост кој го добил името Горенички или Горенски мост. Мостот бил лоциран во близина на Дебар и претставувал централна точка во тој регион. Горенечки мост бил изграден за време на владеењето на Отоманската Империја многу порано, пред изградбата на Елен скок.

Gorenicki-most

Мостот бил изграден од камен донесен од Бањиште и тоа со должина над 50 метри и се разликувал од Елен скок по големината и по трите прекрасни арки (лака). Средната арка била со најголем распон и го премостувала речното корито на брзата Радика, додека бочните арки биле идентични и видно помали. Меѓу лаковите се наоѓале две мостовски ниши. На двете страни на мостот бил изведен камен парапет како завршница, ограда.

Заради големината на мостот изградбата траела многу долго. Средствата за градбата ги обезбедил дебарчанецот – големиот добротвор, Хаџи Ибрахим. Градител на Горенскиот мост бил неимарот Стрезо со каменоресците од Дримкол и Река. Главниот мајстор на оваа убава градба од османлиските власти бил прогласен за државен инженер.

По завршување на изградбата, кога мостот бил пуштен во употреба, луѓето поминувајќи по него секогаш биле воодушевени од формата, обликот, грандиозноста и визурите на камениот бисер и од бескрајната шир на природниот пејзаж. Не случајно за него пишувале и останале вчудовидени многу патеписци, историчари, новинари. Се прашувале како е изграден големиот свод со вкупна должина од 150 метри и височина од околу 50 метри со дрвено скеле, како со векови мостот не се поместил од тешките товари и бујните планински води. Мостот беше пример за генијалноста на творечкиот дух кој го имале македонските народни градители. И покрај неговата богата историја, мостот за време на Првата светска војна бил оштетен, а по завршувањето бил поправен и саниран. Сепак тажната судбина не го одминала. Во шеесеттите години на минатиот век мостот е демонтиран кога започнала да се полни вештачката акумулација на Дебарското Eзеро.

image (8)

Бидејќи Горенски мост бил синоним за Дебар и споменик на културното наследство, Заводот за заштита на културно-историските споменици изготви план за негова дислокација со фотодокументација со цел тој повторно да се изгради над реката Радика, но во делот на областа Долна Река. Сите камења беа обележани со броеви и сместени дел во еден објект во близина на Бошков Мост, а дел во магацинот на Јанечкото анче. Годините минуваат, од негрижа мостот не е повторно изграден до ден денес, а камењата неповратно исчезнаа. Горенечки мост повеќе не постои, но сè уште е запишан како споменик на културата во списокот на Заводот за заштита на културно-историските споменици. Денес единствено може да се види на некоја фотографија или на поштенска марка. Но тоа не е доволно, потребно е дебарскиот убавец да се возобнови и изгради на нова локација по течението на Радика. Има доволно документација и тоа треба да се реализира во спомен на многубројните градители кои ни подарија безброј преубави градби, како овие два камени бисери.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top