Насловна / Вести / Зелена борба против ефектот „Urban Heat Island“

Зелена борба против ефектот „Urban Heat Island“

Познато е дека агресивната замена на природните површини со урбани средини, претставува главна причина за настанувањето на оваа појава. Природните површини во најголема мера се составени од вегетација, која создава специфични микро- климатски услови. Тие користат релативно голем дел од апсорбираната радијација и евапотранспирација и испуштање на водена пареа, која придонесува за ладење на воздухот во нивна близина. Спротивно на нив, изградените површини имаат висок процент на нерефлексивни и водоопорни градежени материјали, што доведува до тенденција да апсорбираат значаен дел од зрачењето што се испушта во вид на топлина.

zelena-borba-protiv-efektot-1.jpg

Терминот “Urban heat island” ги претставува изградените подрачја кои се значително потопли од околните рурални средини. Годишната просечна температура на воздухот во град од рангот на Скопје, може да биде 2-4оС потопла од температурата во близина на урбаниот дел. Во вечерните часови разликата може да биде доста поголема, па дури и до 14оС.

Ваквиот тип на топлотни острови кои се јавуваат во урбаните средини, влијаат многу на животниот стандард, пред сè на трошоците за енергија, загадувањето на воздухот и емисијата на штетни гасови, квалитетот на водата итн. Како одличен пример за справување со овој феномен може да се согледа во Словенија, која повеќе од 60% од целокупната територија е прекриена со шума (според извештајот од 2004 година). Швајцарија, пак, која е прекриена со околу 37% од целокупната површина, што процентуално е приближно исто како и кај нас, но степенот на урбанизација и концентрација на голема популација на мала површина е мала. Во урбаните средини во Швајцарија не постои град каде што се јавува пренаселеност, иако станува збор за земја со приближно осум милиони жители. Така, најнаселен е Цирих со 350 илјади, и нема ниту еден град со повеќе од 190 илјади жители (Женева 177 илјади, Базел 170 илјади, Лозана и Берн по 130 илјади).

 

ЗЕЛЕНА БОРБА

 

Големите дрвја, грмушките и тревите многу може да придонесат во ладење на урбаната средина преку формирањето сенка и евапотранспирација. Листовите и гранките од дрвјата во голема мера ги редуцираат сончевите зраци, кои допираат до површината на земјата под просторот од крошните на дрвјата. Количината на сончеви зраци кои поминуваат низ крошните е различно, зависно од видот на дрвото. Главно, преку лето тоа се движи од 10 % до 30%, додека преку зима од 10 % до 80%, бидејќи зимзелените и листопадните видови имаат различна зелена маса преку зимата.

zelena-borba-protiv-efektot-2.jpg

 

Дрвјата се најкорисни во борба против оваа појава кога се садат во близина на објектите, плочниците, патиштата и паркинзите. Како најефикасен начин на садење е употреба на листопадни видови од западната страна, особено ако ги засенуваат прозорците и покривите од објектите. Многу важно е при проектирањето на зеленилото на макро ниво да се внимава и на ружата на ветрови, за да не се стопира постојаната циркулација на свеж воздух од повисоките делови, што е особено значајно вдолж сообраќајниците, каде концентрацијата на издувни гасови е многу висока. Вегетацијата водата ја консумира преку коренот, а подоцна ја испушта преку своите лисја, процес познат како транспирација.

 

Од големите дрвја може да испари и до 20.000 литри вода годишно, додека еден декар пченка може и до 2000 литри за седум дена.

На тој начин доаѓа до ладење на воздухот во околината. Евапотранспирацијата сама или во комбинација со засенување може многу да влијае врз намалување на температурата на воздухот во летниот период. Ладните покриви се еден од начините да се намали појавата на овој ефект. Употребата на соодветни материјали за изградба на покриви кои во текот на летниот период би рефлектирале голем дел од топлинската енергија (апсорбираат и до 30оС помалку), во голема мера може да влијаат на намалување на испарувањето во текот на ноќта, со што би се намалил степенот на загревање. Зелените коровови или кровни градини го намалуваат загревањето преку евапотранспирација и засенување на површината од кровот. Во жешките летни денови површинската температура на зелените кровови може да биде поладна за цели 40оС во однос на класичните кровови.

 

Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top