Неодамна е завршен необичниот дрвен мост во Gulou Waterfront, одморалиште во градот Јиангмен, инспириран од традиционалниот дизајн на кинеските мостови. Со додадените модерни детали, овој мост служи и како видиковец. Проектиран е од страна на Luo Studio, долг е 25 метри а неговата внатрешност има 166m2. Изградбата започнала во март 2021 година. Дизајнот асоцира на минатото, но збогатен е со модерни детали, како стаклените кровни прозорци кои овозможуваат продор на природна светлина. На надворешната страна, поставени се под агол алуминиумски плочи, со цел да штитат од дожд и Сонце, но да не ја попречуваат природната вентилација. Во внатрешноста на мостот има скали кои водат до местото за набљудување. Покрај тоа, целокупната конструкција на мостот е лачна, за да се обезбеди непречено минување на рибарските чамци, а има и ноќно осветлување.
Мостот се потпира на три големи лачни греди, а со нив се споени стотина дрвени подгреди и други компоненти. Иницијалната намера на архитектите била зајакнување на конструкцијата на мостот, со истовремена заштита од дожд и влага. Проектот ја негува градежничката мудрост на древните покриени мостови. Создаден е како дел на владината иницијатива да помогне во ревитализација на ова подрачје. Навистина, кинеската влада настојува да го ублажи ефектот на брзата урбанизација на земјата преку обновување на помалите села, што резултирало во многу слични вакви проекти во руралните подрачја.