Низ авторскиот развој на архитектонското делување, творецот го истражува внатрешниот простор кој произлегува од скулптуралноста како резултат на разгледување на можностите на ентериерот. Обликовноста на објектот ја третира архитектурата како уметност и го испитува постојаниот потенцијал на јавниот простор и социјалната отвореност. Поврзување на серија кубични форми истражено е со преклопување на полниот и празниот простор на сферични форми и коцки, како повеќедимензионален геометриски колаж.
Објектот го истражува јазикот на просторот со цел да ја поврзе енергијата на внатрешниот простор со екологијата на околината, испитувајќи ги тековните клишеа на архитектонскиот стил и комерцијалната практика. Ex of In House е манифест на истражувачкиот проект на архитектонското биро од Њујорк IN Steven Holl Architects, чија тема е анализа на поимот „внатре“.
Овој експериментален пристап кон проектирањето е резултат на долгогодишно истражување преку изработка на модели од ламинирано дрво од орев и низа цртежи со кои архитектот се обидува да ги врати вистинските вредности на архитектурата, поставувајќи принципи кои го водат низ создавањето на овој објект.
Во шумска област се појавува простор наречен Т2, резерват востановен како експериментален топографски пејзаж. Планираното решение на ова подрачје се огледува во поделбата на пет субурбани парцели со куќи, за подоцна локалитетот да биде обединет во едно природно заштитено подрачје. Како компресирана форма од 85 квадратни метри, зграда во модернистички стил се издига во рурален заштитен простор.
Архитектонската геометрија на оваа куќа се рефлектира преку преклопувањата и вкрстувањата на сферите и трапезоидите со силна намера да се исчисти волуменот на ентериерот. Формата на архитектурата е создадена со пробивање на трапези и сфери кои формираат возбудливи форми кои можат да се почувствуваат со пристап на влезниот трем.
Куќата е речиси целосно направена од природни материјали. Користено е дрво махагони, од кое се изработение прозорските рамки, врати и скали, како и иверица од бреза, изработена во тенки слоеви, кои се користени во облогање на внатрешните заоблени површини. Предноста на употреба на овие материјали се манифестира преку спокојството, квалитетот и амбиентот на ентериерот, кој емитува чувство на духовна осаменост и будистичка филозофија.
Функционалното решение на објектот е изведено преку просторна организација на смакнување на хоризонтални платформи со динамични вертикални преклопувања, позиционирани околу централниот простор во кој архитектите ја сместуваат кујната со трпезарија, скалите и мултифункционален простор со различни можности за користење. Куќата е проектирана како простор без спални соби, но повторно, благодарение на поделбата на волуменот на три нивоа, удобно може да прими до пет корисници.