Насловна / Вести / Воздухот се „чисти“ со повторени ветувања

Воздухот се „чисти“ со повторени ветувања

Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека до 2030 година ќе се затворат РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. На овој начин надлежните ќе го решаваат проблемот со аерозагадувањето кој од година во година станува сè посериозен. Но, ова не е единствената мерка што властите ја најавуваат дека ќе биде преземена за решавање на проблемот со аерозагадувањето. И оваа гарнитура на власта даде ветувања кои и досега беа кажувани, но реализацијата се одвива со задоцнување. Владата уште во својата програма во 2017 година, но и во онаа во 2020 година целеше да ја поврати изгубената енергетска сигурност и стабилност на Македонија, да ги намали трошоците за енергија и енергетската сиромаштија, а сонцето да стане извор на енергија во домаќинствата. И во 2017, како и во 2020 година велеа дека е жално што желбата за брз профит, непочитувањето на законодавството, непостоењето соодветен институционален и кадровски капацитет доведе до енормно загадување на воздухот, почвата и водата и нарушување на природните живеалишта. Но, оттогаш досега, кога има нова владина програма за работа, целите остануваат исти, а резултатот го нема. Воздухот и натаму се „чисти“ со повторени ветувања.

KIR_0316

ЌЕ СЕ ЗАТВОРААТ РЕК „БИТОЛА“ И ТЕЦ „ОСЛОМЕЈ“

Најавата на надлежните за затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј доаѓа по објавување на податоците од „Обединет Балкан за чист воздух“ во кои се наведува како аерозагадувањето делува на морталитетот.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини нагласува дека со оваа стратегија во енергетиката, ќе се намали загадувањето на воздухот и неплодноста на населението. „Уште откако станав министер за животна средина зборуваме за менување на начинот на греење и за производство на енергија во нашата држава. Сите сме свесни дека 65 отсто од енергијата се произведува од јаглен во РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Затоа целата наша стратегија за енергетика е да го промениме тоа и да инвестираме во обновливи извори на енергија. Тоа значи дека ги поддржуваме не само нашите инвестиции како ЕСМ во соларни панели во Осломеј и во Битола, туку и да ги затвориме РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ најдоцна до 2030 година, иако според проектот тоа е до 2028“, вели Нуредини. 

CARS DRIVE PAST A CHEMICAL PLANT NEAR THE EASTERN GERMAN VILLAGE OF LIPPENDORF

Идеја ни е, посочи Нуредини, да имаме повеќе обновливи извори на енергија и да вложуваме во соларни панели и ветерни електрани, а многу важно за државата и за независноста во енергетиката е да се изгради и хидроелектраната Чебрен за да имаме стабилна мрежа.

ВЛАДИНИ НАЈАВИ ЗА ДО 2024 ГОДИНА

Најавите на министерот Нуредини се дел и од Програмата за работа на Владата за периодот 2022 – 2024 година. Таму во делот за енергетска транзиција и одржливост се вели дека Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и економски субјекти. „Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска транзиција. АД ТЕЦ Неготино ќе биде дел од АД ЕСМ и во најкус рок ќе биде трансформиран и приспособен да работи на природен гас. Во овој мандат на Владата, ќе почне отворањето на рудникот Живојно, со цел обезбедување домашни количини на јаглен за стабилно производство на електрична енергија во РЕК Битола на среден рок“, се нагласува во Програмата.

KIR_0360

Врз основа на изработените технички студии со поддршка на EBRD и KfW ќе се изградат нови 160 MW на фотонапонски електрани во РЕК Битола и дополнителни 10 MW на фотонапонска електрана во РЕК Осломеј. Почната е и изградбата на топловодот од РЕК Битола до градот Битола и Новаци, а дополнително АД ЕСМ ќе почне со проектирање нова когенеративна гасна електрана со капацитет од 250 MW, која ќе произведува топлинска и електрична енергија во РЕК Битола. Исто така, Владата најавува дека ќе продолжи втората фаза од тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на ХЕЦ Чебрен во која учествуваат дел од најголемите енергетски компании од Европа и светот. „До крајот на 2022 година очекуваме да се потпише договорот за концесија со приватниот инвеститор за изградба на ХЕЦ Чебрен. Главни двигатели на македонската енергетска транзиција покрај изградбата на ХЕЦ Чебрен ќе бидат и фотонапонските електрани и ветерните електрани. До крајот на 2022 година, очекуваме да бидат пуштени во употреба 60 MW на фотонапонски електрани по моделот на премиум тарифи, како и двете фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 100 MW кои ќе се градат по моделот на јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ во РЕК Осломеј“, се дел од ветувањата на Владата.

ГРАЃАНИТЕ СЕ ГУШАТ

А, во меѓувреме додека да се реализираат овие ветувања, во Македонија граѓаните се гушат од ПМ-честичките. Единствен спас гледаат доколку дувне ветер или заврне дожд или снег. Но, тоа наталожување на честичките е краткотрајно и недоволно.

Портокаловата и црвената боја на картите за мерење на квалитетот на воздухот и оваа зима доминираат, а тоа укажува дека граѓаните дишат енормно загаден воздух. Она што надлежните го прават е давање препораки кои не се обврски.

Од „Еко свест“ укажуваат дека воздухот кој сите ние го дишеме нема партиска заднина, а релевантните чинители и одговорни институции треба да вложат многу позасилени напори и во континуитет да работат на изнаоѓање системски одржливи решенија со кои аерозагаденоста во Скопје континуирано ќе се намалува, а со тоа ќе се намалат и ризиците по здравјето на скопјани.

KIR_6746

„Во таа насока, сметаме дека голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата. Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 година и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден“, нагласуваат од „Еко свест“.

Истовремено, додаваат оттаму, мора посериозно и поинтезивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје (и државата). Потребно е да се почне со децентрализирани системи за греење од обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што сè уште немаат интегрирана еколошка дозвола. Сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање и со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси. Само на овој начин ќе стигнеме до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели, потенцираат од „Еко свест“.

И во овој дел Владата има повторно приоритети што ги најавуваа и нивните претходници, но досега воздухот ништо не го исчисти, а мерките што се воведуваа беа само краткорочни.

НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО – ОСНОВНА ЦЕЛ!?

„Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели. Ова вклучува употреба на еколошки горива и користење обновливи извори на енергија, промовирање одржливо управување со отпад, правилно и правично управување со водите и зелен транспорт“, се вели во делот Заштита на животната средина, зелен и одржлив развој сместен во Програмата на Владата за периодот 2022 – 2024. На ова поле Владата вели дека ќе продолжи да инвестира во дополнителни мерни станици низ државата и во посебна софтверска апликација за полесен и потранспарентен приказ на состојбата со ПМ- честичките по датум, по локација и со соодветни прегледи и извештаи, а ќе се даде поддршка и на иницијативите за поставување мерни станици, со пропишување различни мерни инструменти. Исто така, велат дека податоците за емисиите од големите загадувачи ќе бидат достапни во реално време, како и Катастарот за животна средина, регистрите за испуштање и пренесување загадувачки материи, регистрите на издадените еколошки дозволи и одобрени елаборати. „Ќе го донесеме Законот за индустриски емисии и од 2023 година ќе обезбедиме меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии за намалување на загадувањето за мали, средни и големи капацитети. Ќе обезбедиме даночни олеснувања за увоз на зелени технологии. Во периодот 2022 – 2024 година ќе продолжиме со вложување во енергетска ефикасност на јавните објекти за да ги намалиме потрошувачката и загадувањето. Во градежништвото, ќе вршиме засилена контрола на градилиштата“, се дел од ветувањата. Во рамките на проектот „Поддршка за имплементација на директивите за квалитет на воздух и хоризонтална легислатива“, ИПА 2 програмата на ЕУ се планира: докомплетирање на законската легислатива за воздух, односно подготовка на нов закон за квалитет на амбиентен воздух и повеќе подзаконски акти, подготовка на планови за имплементација на директивите за квалитет на воздух, подготовка на национални плански документи за заштита на амбиентниот воздух и извештаи за стратегиска оценка за нивното влијание врз животната средина, подготовка и спроведување план за мониторинг на тешки метали, VOCs и PAHs, и воспоставување зони и агломерации за овие супстанции, подготовка на извештај за оценка на квалитетот на воздухот и извештај за оценка на влијанието на природните извори врз квалитетот на воздухот, се само дел од ветувањата што Владата ги даде, а кои вели дека ќе се реализираат до 2024 година.

All-focus

ОД ЗАГАДЕН ВОЗДУХ ПРЕДВРЕМЕ УМИРААТ ПОВЕЌЕ ОД 30 ИЛЈАДИ ЛУЃЕ

Според податоците на Светската здравствена организација, најмалку 13.500 луѓе умираат предвремено секоја година во регионот на Западен Балкан како резултат на загадувањето на воздухот.

Тоа доаѓа од електраните и од фабриките што користат фосилни горива, индустриски постројки, стари уреди за греење во домаќинствата и сообраќајот.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ направи студија како аерозагадувањето влијае врз морталитетот. Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, а кои ги објавија од „Обединет Балкан за чист воздух“, лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30 илјади предвремени смртни случаи, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.

Студиите покажуваат дека само електраните на јаглен во Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.

Испрати коментар

Scroll To Top