Велат дека Балат е најдобро чуваната тајна на Истанбул. Тоа е еден од најстарите квартови на градот, во кој со векови едни покрај други живееле Евреи,Турци, Ерменци, Грци, … Евреите овде биле населени уште од 15-тиот век. Оваа историска населба опстанала и во византиско и во османлиско време и сеуште го чува духот на минатите времиња и богатството на различните култури.
Делови од некогаш моќниот Константинопол се наѕираат по целиот кварт, а остатоците од ѕидините се вклопени со објектите кои настанале векови подоцна. Една од тие згради е и кафеаната „Агора“, што на грчки значи „плоштад“. Ја основал еден грчки капетан уште во 1890 година. Таа е значајна и од историски и од туристички аспект, бидејќи била тема на многу испеани и неиспеани песни. Угостила многу филмски ѕвезди и уметници, а во неа биле снимени дури 286 филмови. Улиците на Балат се преполни со различни и многу оригинални кафулиња, сместени во приземјата на старите куќи.
Фасадите се украсени со најнеобични предмети, цвеќе и мурали. Стрмните улички кријат антикварници во кои може да се најде и најнеочекуваното – од многу стари инструменти до ретки винил плочи, грамофони и парчиња мебел. Во секој дуќан најљубезно ќе Ве послужат со кафе или чај, и стрпливо ќе Ви ги ја презентираат својата понуда. Балат се смета за најшармантниот кварт во Истанбул. Поради силните бои и автентичната архитектура, е омилено место за фотографирање. Од 1985 година, овој кварт се наоѓа на листата на УНЕСКО на заштитено културно наследство.