Русија е главен снабдувач со природен гас на Европа, а во последниот период снабдувањето е во услови на исклучително високи цени. Дополнително, поради украинската криза и заканите на Западот со санкции кон Русија, оваа состојба уште повеќе се усложнува. Поради ваквите околности, Европската унија сака на своите земји членки да им воведе обврска за полнење на складиштата на гас пред секоја зима, со цел да можат да се справат со евентуални нарушувања во снабдувањето.
На 2-ри март, ЕУ ќе предложи чекори кои би требало да ја подобрат отпорноста на европскиот енергетски систем на можните шокови во снабувањето и покачување на цените. Пазарните поттикнувања веројатно нема да бидат доволни за компаниите да складираат доволно гас, бидејќи се очекува цените да останат високи најмалку до крајот на годинава. Предлог документот предвидува земјите да им пропишат на компаниите минимално ниво на залихи кои ќе се складираат на нивната територија, со можност за финансиски стимулации. Компаниите обично ги дополнуваат складиштата вон зимската сезона поради пониските цени и пониската потрошувачка во летниот период. Минатата година тоа не се случи, и складиштата на гас во Европа во моментот се исполнети во просек околу 32%. Во нашето поблиско опкружување, вакви складишта имаат Србија – Банатски двор и Бугарија – Чирен.
Трајно решение со кое би се ограничила изложеноста на земјите на високи трошоци за увоз на фосилни горива би биле инвестиции во обновливи извори на енергија и намалување на потрошувачката на енергија преку вложување во енергетска ефикасност. Владите на повеќето земји во ЕУ веќе воведоа мерки за заштита на потрошувачите од високите трошоци за енергија, вклучувајќи пониски даноци и субвенции за домаќинствата со ниски приходи.