Дури и во времето на авионите, електричните автомобили и бројни други модерни опции за патување, патувањето со воз останува романтична (но и одржлива) опција за многумина. Една од најубавите рути за патување со воз во Европа е онаа што ја овозможува Bergen Line (Bergensbanen) во Норвешка. Оваа железница е изградена во 1909 година и ги спојува Осло и Берген, најголемите норвешки градови, кои се лоцирани на источниот односно западниот брег на земјата. Така, пругата која ги поврзува минува речиси преку цела Норвешка, низ различни терени. Од урбаните делови на Осло и Драмен, преку шумските и релативно ниски делови на внатрешноста, па преку најголемата европска висорамнина до бреговите на Северното море. Рутата минува низ Националниот парк Hardangervidd и ја минува истоимената висорамнина. Затоа, ова е истовремено и највисоката железничка линија на Северна Европа, со надморска височина од 1.222 метри.
По патот може да се видат и најекстремните северни услови, како што се оние во планинското село Finse, покрај брегот на езерото Finsevatnet, кое е воедно и највисоката точка на ова патување. Возот овде е единствената опција, со оглед дека не постојат улици. Кога снеговите ќе го затрпаат ова село, речиси ништо не може да се види освен сеприсутната белина. Затоа го добива и прекарот „мал Арктик“. Низ прозорецот на возот може да се набљудуваат арктичките лисици, ирваси и други животни. Понатаму, оваа рута се вкрстува и со најпопуларната велосипедска патека во Норвешка, која низ 82 километри води преку планински врвови, национален парк, езерски и речни крајбрежја… Конечно, после 470 километри, седум часа возење, 180 тунели и 22 станици, возењето од бајките завршува. Цената на билетот е нешто под 100 евра.