Утре, 4. февруари, со палењето на олимпискиот оган ќе се означи почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг, а натпреварите ќе се одвиваат во нови, но и во постоечки објекти.
Со оглед на тоа што Пекинг е во единствена позиција како прв град кој бил домаќин и на летни и на зимски Олимписки игри, неколку локации од Летните олимписки игри 2008 повторно ќе се користат за Зимските олимписки игри, сето тоа во рамките на планот за одржливост на Организацискиот комитет.
Локациите за Зимските олимписки игри се поделени во три зони, или кластери: Пекинг, Јанчинг и Џангџаку. Во оваа прилика подетално ќе ве запознаеме со сите места за натпреварување на ЗОИ 2022, како и со олимписките села кои спортистите ќе ги нарекуваат свој дом за време на престојот во Кина.
Пекиншка зона
Сместен во централниот дел на Пекинг, овој кластер првенствено ќе биде домаќин на натпревари за спортови на мраз, како и церемонијата на отворање и затворање.
Националниот стадион
Исто така познат како „Птичјо гнездо“ поради својот уникатен дизајн, овој култен стадион беше домаќин на церемониите на отворање и затворање на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, како и атлетски натпревари и финалиња во фудбал на Летните игри.
Националниот стадион во Пекинг беше заедничи потфат на Herzog & de Meuron, архитектот Стефан Марбах и кинеската компанија CADG под раководство на главниот архитект Ли Ксинганг.
Иако на стадионот нема да се одржуваат спортски натпревари за време на ЗОИ, Птичјото гнездо повторно ќе биде место на церемониите на отворање и затворање на игрите.
Национален центар за водени спортови
Настани/натпревари: карлинг/карлинг во инвалидска количка (Зимски параолимписки игри)
Уште едно култно место од Олимпијадата 2008 година што ќе биде преуредено за 2022 година е Националниот центар за спортови на вода.
Оваа сала беше домаќин на натпревар во пливање, скокови во вода и синхронизирано пливање во 2008 година, што, во комбинација со дизајнот налик на кутија, го доби прекарот „Водена коцка“.
Националниот центар е проектиран и изграден од конзорциум составен од австралиската архитектонска фирма PTW Architects, меѓународната градежна група Arup, CSCEC (China State Construction Engineering Corporation) и CCDI (China Construction Design International) од Шангај.
По Игрите во 2022 година, оваа повеќенаменска сала ќе продолжи да се користи и за зимски и за летни спортови, во зависност од сезоната.
Национален затворен стадион
Настани/натпревари: Хокеј на мраз/парачокеј на мраз (Зимски параолимписки игри)
Наречен „Лепеза“ поради неговиот дизајн кој потсетува на традиционален кинеска лепеза на преклопување, Националниот затворен стадион е изграден за Летните олимписки игри 2008 година, според проектот на германската компанија Glöckner Architekten GmbH.
Во 2015 година, стадионот беше домаќин на Светското првенство во хокеј на мраз за жени, а ќе ги сподели одговорностите за домаќин на натпреварite во хокеј на мраз на Олимпијадата во 2022 година со спортскиот центар Вукесонг.
Спортски центар Вукесонг
Настани/натпревари: Хокеј на мраз
По организирањето на кошаркарски турнир на Олимпијадата во 2008 година, спортскиот центар Вукесонг беше успешно користен како повеќенаменска арена во годините по Олимпијадата.
Beijing Wukesong Culture & Sports Centre Company Ltd, составен од пет компании – акционери, беше одговорен за проектот и изградбата на овој спортски центар од 36.000 квадратни метри.
Со капацитет од 18.000 гледачи ќе служи како главна сала.
Салата за брзо лизгање National Speed Skating Oval, позната и како Ice Ribbon
Настани/натпревари: брзо лизгање
Националната сала за брзо лизгање е сосема нов објект за зимски спортови, изграден на местото на Олимпиското зелено игралиште за хокеј, кое се користеше за настани во хокеј на трева и Олимпискиот зелен терен за стрелаштво, кој се користеше за натпреварувања во стрелаштво на Олимписките игри во 2008 година.
Проектот на салата, која го носи прекарот „Ice Ribbon“, заеднио го потпишуваат интернационалното архитектонско биро Populous и Пекиншкиот институт за архитектонско проектирање, додека изградбата траеше од 2017 до 2019 година.
Стадионот Capital Indoor
Настани/натпревари: брзо лизгање, уметничко лизгање
Откако беше домаќин на одбојкарски турнир на Летните олимписки игри 2008, ќе се одржуваат натпревари во уметничко лизгање и брзо лизгање на кратки патеки на затворениот стадион Capital за време на ЗОИ.
Во спортската арена, изградена во 1968 година од Пекиншкиот институт за архитектонско проектирање, одржани се неколку важни спортски настани, вклучително и натпревари во пинг-понг помеѓу Кина и Соединетите Држави како дел од програмата за размена на „пинг-понг дипломатија“ во 1971 година и еден од првите НБА натпревари во Кина во 2004 година.
Big Air Shougang
Настани/натпревари: скијање во слободен стил, сноуборд
Веројатно најединственото место за ЗОИ Пекинг 2022 година е Big Air Shougang, изграден на местото на поранешна фабрика за челик, поставен во позадина на четири индустриски разладни кули.
Проектот е потпишан од TeamMinus, проектантска фирма на Брајан Ли Жанг сместена на Универзитетот Cinhua во Пекинг, а по ЗОИ просторот ќе се користи за разни спортски натпревари и тренинзи на спортисти, како и за културни и општествени настани.
Олимпиското село во Пекинг
Зимското олимписко село за зоната на игрите во Пекинг завршено е на почетокот на летото 2021 година и во него главно ќе бидат сместени спортистите кои се натпреваруваат во спортови на мраз на ЗОИ 2022 година, а е проект на Beijing Tianhong Yunfang Architecture Group.
Објектите вклучуваат 2.300 кревети за спортисти и службеници кои патуваат на Зимските олимписки игри, додека целиот комплекс се простира на 275.500 квадратни метри.
По завршувањето на Зимските олимписки и параолимписки игри, селото ќе стане јавна станбена населба отворена за изнајмување.
Јанчинг зона
Сместено на 75 километри северозападно од центарот на Пекинг, Јанчинг е планинско предградие на кинеската престолнина полно со термални извори, национални паркови и скијачки центри, сместено недалеку од делот Бадалинг на Кинескиот ѕид.
За време на Олимписките игри во Јачинг ќе се организираат натпревари во алпско скијање, боб, санкање и скелетон.
Националниот боб центар
Настани/натпревари: боб, скелетон, санкање
Националниот центар е првата патека за боб во Кина и само трета во Азија. Центарот нуди капацитет од 2.000 седишта, како и уште 8.000 места за стоење, а вкупната должина на објектот е 1.975 метри.
По завршувањето на ЗОИ, центарот ќе се користи за одржување меѓународни натпревари, како и за тренирање на кинеската репрезентација.
Националниот алпски ски центар
Настани/натпревари: алпско скијање/параалпско скијање (Зимски параолимписки игри)
Лоциран во планинска област северозападно од Јанчинг, Националниот алпски ски центар се состои од седум патеки проектирани од Швајцарецот Бернард Руси, а максималниот вертикален пад достигнува 900 метри.
Ски центарот – кој ќе продолжи да се користи за меѓународни натпревари и обука на спортисти по Зимските олимписки игри – има капацитет од 5.000 седишта и 3.500 места за стоење.
Џангџаку зона
Џангџаку е популарна кинеска скијачка дестинација на околу 180 километри северозападно од Пекинг.
Новоизградената меѓуградска железница Пекинг – Џангџаку ќе ги превезува гостите меѓу сите три кластери за ЗОИ за само еден час.
Повеќето настани за скијање и сноуборд на Зимските игри во 2022 година ќе се одржат на локации во околината, вклучувајќи слободен стил, крос-кантри, скијачки скокови, нордиска комбинација и биатлон.
Национален центар за биатлон
Настани/натпревари: Биатлон/парабиатлон (Зимски параолимписки игри)
Националниот центар за биатлон, кој се наоѓа во градот Џангџаку во северната кинеска провинција Хебеи, ќе биде домаќин на зимски спортски натпревар кој комбинираат крос-кантри и пукање со пушка.
По завршувањето на ЗОИ, центарот ќе го користи кинеската репрезентација за тренинзи.
Национален центар за ски скокови
Настани/натпревари: Ски скокови, нордиска комбинација
Во Националниот центар за ски скокови во тек на ЗОИ ќе се одржуваат натпревари во скијачки скокови и дисциплината ски скокови во нордиска комбинација.
Архитектонскиот дизајн на скокалницата потсетува на традиционалниот руји скиптар (кинески талисман), па оттука и прекарот на зградата: „Снежен руји“.
По ЗОИ, ќе се користи од кинеската репрезентација за тренинзи, но центарот ќе биде отворен и како туристичка дестинација.