Следната година во еден од најголемите европски културни центри, во престижниот простор Кунстхале, кој е дел од Музеум Квартиер во срцето на Виена на 1.000 квадратни метри ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современа уметност – Скопје.
„Тоа значи дека во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на нашиот Музеј. Неодамна, МСУ стана членка на единствената глобална мрежа експерти од музејската дејност – CIMAM (Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност) во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност“, изјави во интервју за порталот Точка, Мира Гаќина, директорката на МСУ и додава: „Со Kunsthalle Виена имавме неколку работни средби на кои разговараме за многу амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција, која работи во рамките на познатиот Музеум Квартиер, во центарот на Виена, каде се сместени најпознатите музеи и галерии е заинтересиран на својата виенска публика, на простор од преку 1000 квадратни метри да и претстави селекција од делата на нашата колекција.
Концептот предвидува да бидат поканети 8 меѓународни уметници, кои ќе направат своја селекција од колекцијата и ќе осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Ќе биде подготвен и обемен печатен водич за изложбата кој бесплатно ќе и биде делен на публиката. Отворањето на изложбата се предвидува за март 2023-та. Тоа значи дека во една од европските метрополи, европски уметнички центри, преку ново читање, ќе ги афирмираме и нашата драгоцена збирка и градот Скопје. Со намера сме, исто така, по претставувањето во Виена, изложбата да гостува и во други уметнички центри, а се разбира, ќе и биде претставена и пред нашата публика“.