Во поранешниот Советски Сојуз биле изградени десетици огромни хидроцентрали кои снабдувале со енергија со индустриски претпријатија и цели градови. Некои од нив и денес се најмоќните на светот, а за некои е карактеристично дека се изградени во многу непристапни предели оковани со мраз. Најголемата според инсталираниот капацитет е Сајано – шушенската хидроцентрала, која се наоѓа во Хакасија, на реката Енисеј. Со инсталиран капацитет од 6400MW, таа е денес најголемата хидроцентрала во Русија и една од десетте најголеми хидроцентрали во светот (деветта по големина).
Нејзината брана висока 242 метри се смета за една од највисоките на светот. Оваа хидроцентрала се градела 37 години – од 1963 до 2000 година, но првиот хидроагрегат бил пуштен во употреба веќе во 1978 година. Конструкцијата на браната, е проектирана да издржи исклучително силни потреси, со оглед дека е лоцирана во сеизмичко подрачје.