Насловна / Вести / Трескавец ќе си ја пишува новата историја

Трескавец ќе си ја пишува новата историја

treskavec-1.jpgАвтентичен со конаците и трпезаријата манастирот Трескавец повторно ќе
се издигне над карпите во планината и ќе ја дава прекрасната глетка на
околните планини. Огнената стихија која го зафати и пеплоса до темел
само ја запиша новата историја на вековниот манастир. Проектот за
санација треба да биде готов за околу еден месец, а го изработуваат
Министерството за култура и Завод и Музеј Прилеп. Станува збор за
основен, автентичен проект кој ќе ја даде и финансиската конструкција за
обновата. "За околу еден месец треба да биде готов проектот за
санација.

 

Објектот ќе се санира автентично, но во градбата ќе има разлика. Сега ќе се стават армирано- бетонски столбови, наместо досегашната дрвена меѓукатна конструкција и ќе биде секторски поделен. Станува збор за вкупна површина на двата ката од околу 1.300 квадратни метри. Подготовките и мерењата на терен течат и се надевам дека во ветениот период ќе бидеме готови", вели Гордана Данилоска Спироска, директор на прилепскиот Завод и Музеј. Реализацијата на проектот, додава таа, ќе почне дури откако ќе биде направен патот до манастирот затоа што сегашната состојба е неповолна за транспорт на градежен материјал и за механизација. За обновата на манастирот донации има од Владата, од прилепскиот економски совет, од бизнисмени и верници.

 

За среќа, пламените јазици не ја допреа црквата "Успение на Пресвета Богородица", која датира од 13 век, зачувано е целото културно национално богатство, сите икони и фрески. "Трескавец наликува на едно изгорено, пеплосано тело, но фала му на Бог и Мајката божја што во целиот тој пепел живо е срцето, жива е црквата, бидејќи нашиот етос е таков, етос во вера, во крст и во воскресенија", изјави владиката Климент. Манастирот е сместен на надморска височина од 1.280 метри, на десетина километри оддалеченост од Прилеп. Оттаму се гледа половина Македонија. Изграден е во 13 век.

 

treskavec-1.jpg

 

Се смета дека постоел уште од античкото време, а преданијата говорат за светоста на местото, каде што се среќавале божји сили. Посетителите раскажуваат за табли на старословенски јазик, кои се вградени во камените блокови на црквата. Манастирот Трескавец е еден од најстарите манастири. Тоа всушност го покажува и самата архитектура на црквата, која од страните има отвори, нешто што отсуствува во црквите од поновите христијански времиња. Имено, архитектурата го негира мислењето дека манастирот бил правен за време на Душан. Трескавец треба да датира од првите христијански времиња.

 

treskavec-2.jpg

 

Преданието на месното население гласи дека црквата во Трескавец е правена пред сите светогорски манастири. Трите најстари сочувани објекти во манастирот се црквата "Успение на Пресвета Богородица", старата трпезарија и маѓерницата. Информации за архитектурата на манстирот Трескавец може да се најдат во Националните установи Завод и Музеј Прилеп, чиишто стручни лица во 2005 и 2006 година имаат вршено први интердисциплинарни конзераваторски истражувања на архитектурата, живописот и конструктивниот систем на црквата "Успение на Пресвета Богородица". Нивните информации велат дека јадрото на градежниот комплекс на црквата го сочинува еднобродна црква со средишна купола, со олтарна апсида од внатре полукружна, а од надвор петострана.

 

treskavec-3.jpg

Оваа еднобродна црква е отворена од западната страна кон квадратен нартекс покриен со слепа калота. На запад има екзонартекс покриен со коритест свод со два компартименти, северен и јужен покриени со куполи. Јужниот компартимент е покриен со двојна купола. Кон јужниот ѕид на црквата е дограден издолжен правоаголен простор, покриен со крстести сводови, којшто се спојува со нартексот. Кон северниот ѕид на нартексот е дограден мал параклис којшто се спојува со северниот компартимент и со нартексот. Кон овој градежен комплекс, кон запад и кон југ, дограден е долг трем покриен со едноводен кров од дрвена кровна конструкција. До седумдесеттите години од минатиот век, црквата беше покриена со кровен покривач од камени плочи. Денес, камени плочи има само на централната купола над наосот и на двете куполи над компартиментите.

 

treskavec-5.jpg

 

На слепата калота од нартексот, врз покривачот од камени плочи, импровизирано е поставена цементна кошулка, со што е намалена можноста од продирање на атмосферски води во внатрешноста на црквата и оштетување на живописот. Остатокот од црквата е импровизирано покриен со медитеран ќерамида. Ова е третпат како гори манастирот. Првпат горел кон крајот на 19 век, а вторпат во деведесеттите години на минатиот век. Најпознатата легенда за добивањето на името Трескавец е запишана од Јордан Константинов-Џинот. Приказната почнува кога султанијата Мара омажена за султанот Мурат Втори дошла во манастирот, каде што живееле над 300 монаси и еден владика.

Таа посакала да се причести, но владиката ја одбил зашто била мажена за Турчин и веќе не била од православната вера. Налутена, наредила да се убијат сите монаси. Од крвта на убиените монаси се создала ламја, која не дозволувала никој да влезе во манастирот. По милоста на Мајката божја треснал силен гром, кој ја убил ламјата и оттогаш манастирот се вика "Трескавец". Преданијата говорат дека при ископувањата биле пронајдени голем број костури, закопани околу црквата, со што се претпоставува дека оваа легенда има и своја историска вистина.

 

Катерина Спасовска -Трпковска

Испрати коментар

Scroll To Top