Градинката „Гоце Делчев“ доби неповратни средства во висина од илјада евра, во рамките на проектот „Енергијата се штеди, таа за мене многу вреди“, што ги доделува Здружението за едукација, комуникација и консалтинг, ОХО. Ова е втора година по ред како претшколската установа добива финансиска поддршка, откако лани искористи грант од 1.000 евра за проектот „Ботаничка и цветна градина“.
Годинава парите ќе се искористат за замена на неонките со економични светилки и тоа во четири занимални и во холот. Надлежните од oпштина Илинден посочија дека преку овој проект треба да се разбуди свеста кај децата за заштеда на енергијата. За овие светилки се претпоставува дека ќе имаат десетпати поголем век на траење од обичните.