Европската Комисија усвои предлог за нова Директива за борба против еколошкиот криминал, вклучително и прекуграничното загадување на воздухот, водата и почвата, исполнувајќи ја клучната обврска од Европскиот зелен договор. Целта на предложената Директива е поефикасна заштита на животната средина, со што членките ќе имаат обврска да преземаат мерки од областа на кривичното право во борбата против загадувањето. Со предлогот се дефинираат нови кривични дела во заштитата на животната средина, се утврдуваат минимални санкции и се зајакнува ефикасноста на соработката меѓу органите на прогонот. Членките на ЕУ исто така се обврзуваат да ги поддржат граѓаните кои пријавуваат еколошки прекршоци. Се очекува новиот предлог значително да помогне во заштитата на природата и природните ресурси, но и јавното здравје.