Merdeka 118 е името на највисоката зграда во Малезија и југоисточна Азија. Попрецизно, таа официјално ќе го има тој епитет кога ќе биде завршена целосно. Станува збор за облакодер висок 678,9 метри во Куала Лумпур во Малезија. Merdeka е малезиски збор за независност, а 118 е бројот на катови на облакодерот кој ќе биде завршен следната година. Ќе опфаќа 400.000 квадратни метри деловен, комерцијален и хотелски простор. Во овој гигант од метал и стакло, ќе се наоѓа седиштето на инвестицискиот фонд Permodalan Nasional Berhad (PNB) кој стои зад овој проект, хотелот Park Hyatt Kuala Lumpur, шопинг центри, теретани, бројни ресторани, но и најголемиот видиковец во Азија – The View At 118. Облакодерот ќе биде опкружен со урбан парк и ќе нуди паркинг за 8.500 автомобили.
Интересно е да се истакне дека Куала Лумпур го имаше највисокиот облакодер на светот во периодот од 1998 до 2004 година – 452 метри високите близнаци Petronas Towers.