Насловна / Арт и дизајн / Денес изложба на дела на Родољуб Анастасов, Музеј на град Скопје

Денес изложба на дела на Родољуб Анастасов, Музеј на град Скопје

Денес, 16.12.2021 година во 19.00 часот во Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје, ќе се отвори Годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје.

156. Промена на обликот 20, 1960, туш на хартија, 52 х 72

Станува збор за презентација на 40-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Родољуб Анастасов, кои се дел од колекцијата на Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, вредна донациска збирка која брои околу 400 дела кои потекнуваат од различни временски периоди (од 1957 до 2010) и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. На изложбата се изложени импресивните цртежи на Анастасов од циклусите “Почеток”, “Делување на елементите”, “Промена на обликот”, “Трансфигурирање”, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година, и кои  припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Во својот текст за каталогот, г-ѓа Конча Пиркоска ќе истакне:

“По Втората светска војна, првите никулци на енформелот ќе  се појават во  четириесеттите и педесеттите години на ХХ век, во Париз и во Њујорк, а подоцна помеѓу  1950-60 година, ова движење ќе се прошири во  цела  Европа. Со оглед на поствоеното идеолошко и политичко рекомпонирање и  поделбата на Западен и Истoчен блок, т.е. на капиталистички и комунистички, во просторите на  екс Југославија,  како резултат на вештото политичко кокетирање и отворање кон западниот свет, во 1961/62 година,  енформелот  ќе ја доживее својата зрела фаза. Надминувајќи ја доминацијата на соцреалистичката  догма  во поствоениот економски и политички трауматичен контекст, ова движење ќе го означи радикалниот пресврт во сеопштата ликовна конфигурација.  За разлика од другите комунистички земји, уметниците во Југославија, а оттука и во Македонија, постапно и дозирано ќе се ослободуваат од соцреализмот.

29. Промена на обликот 8 (Интимност 4), 1959, туш на хартија, 59 х 42

Меѓу првите македонски енформелисти ќе биде Родољуб Анастасов, кој уште пред студентските денови, во 1957 год., со сликата  „Портрет II“, преку третманот на бојата, т.е. нејзиното мешање со несликарски материјали (песок и стакло), ќе го антиципира, а за две години подоцна (1959), во време на студентските денови, со  сликите „Композиција“, „Софра“ и „Импресија“, ќе ја инаугурира и дефинитивно ќе ја етаблира енформелистичката поетика во Македонија.”

Следејќи ја досегашната концепција на поставки и оваа изложба е годишна, односно ќе биде поставена и ќе трае во временскиот период  – од декември 2021 до декември 2022, во Галерија Јустина и Родољуб Анастасов, Музеј на град Скопје.

Изложбата ќе се реализира согласно сите мерки и протоколи за заштита од Ковид 19.

Испрати коментар

Scroll To Top