Белградскиот плоштад Славија е далеку од најубав плоштад кој може да се
види во Европа. Неговиот преширок коловоз каде што се испреплетени
трасите на трамваите, тролејбусите, автобусите и патничките возила,
секој ден на возачите во Белград им создаваат проблеми. Неискусните
возачи избегнуваат да возат низ Славија, а оние што учат возење одењето
на Славија го сметаат за ноќна мора.
Недостатокот од клупи, урбана опрема, зеленило и воопшто местата каде што би можело да се застане, поразговара и да се остане некое време, создава аверзија кај минувачите што главно сакаат што побргу да го поминат тој простор. На сето тоа треба да се додаде и мошне недефинираниот архитектонски израз на околните згради. Според некои има премногу "стаклени ужаси" кои се огледаат во присуството на огромната зграда на Народната банка на Србија, додека според други, плоштадот Славија има "паланачки карактер" поради многуте стари згради, повеќето во многу лоша состојба. За да биде впечатокот на комплетен хаос потполн, треба да се додадат и големиот број реклами, пекарници, продавници, билборди, тезги на улични продавачи, Паркинг сервисот и автобуските стојалишта.
Сепак, плоштад Славија не би се разликувал од сличните плоштади, ако на неговиот централен дел не се наоѓа гроб а не само спомен обележје на Димитрије Туцовиќ, што е еден од несекојдневните потези на некогашната социјалистичка управа на Југославија; ако не е првиот МекДоналдс, како симбол на новиот капиталистички поредок во Југоисточна Европа, отворен токму тука во 1988 година; и ако пред повеќе од триесет години Влада Владисављевиќ, познат како "белградски фантом" по кој е снимен истоимениот филм во 2009 година, десет дена не изведувал акробации со украдено Порше, излудувајќи ја тогашната народна милиција и веселејќи го народот што секоја вечер доаѓал тоа да го гледа и навива.
Другарот Тито во тоа време бил надвор од Југославија. Со години плаштад Славија не предизвикувал внимание кај јавноста, се до 2005 година кога е организиран конкурс за "споменик на модерна Србија", кој би се наоѓал во централниот дел. Конкурсот е завршен, наградите се доделени и понатаму ништо не се случи. Како и безброј пати досега. Кон крајот на декември минатата година, град Белград избра шест решенија, доделувајќи четири втори награди и откупувајќи две решенија, на новиот конкурс чија тема беше идното уредување на централниот кружен дел на плоштадот Славија, кое вклучува фонтана и подземни премини. Сето ова ја сочинува историјата на овој простор, што е, како и самиот град во кој се наоѓа, доста комплексна и на моменти контрадикторна. Каква ќе биде иднината, и дали белграѓани конечно ќе уживаат поминувајќи низ плоштадот, останува да видиме. Сепак, приказната за плоштад Славија не може да се раскаже само со промена на местата за трамвајските шини и со фонтаната што е предвидена со последниот конкурс. Таа започнува многу порано.
ИСТОРИЈА
Како далечна периферија во втората половина на 19 век, овој простор бил познат како мочуриште каде што белграѓани доаѓале во лов на диви патки и еребици. Тогаш целиот крај се викал Симин мајур, по Ѓорѓе Симиќ, дипломат, политичар и еден од основачите на Црвениот крст во 1877 година. Овој простор го откупил Шкотланѓанецот Френсис Мекензи, кој правилно ги поделил имотите и ги нивелирал улиците. Во тој период белграѓани овој простор го нарекувале "енглезовац", грешејќи ја националноста на нејзиниот сопственик. Тогаш почнува и изградба на објекти кои ќе го дефинираат просторот на плоштадот и ќе му дадат архитектонски облик.
Една од најзначајните градби бил хотел Славија, наречен така затоа што нишата на првиот кат ја красела скулптура на Славија, по што хотелот па и самиот плоштад подоцна го добиле тоа име. Покрај тоа што и неговата куќа била на тој простор, Мекензи сакал да привлече што повеќе жители да живеат во тој дел на Белград, па така кон крајот на осумдесеттите години на 19 век ја подигнал "слата на мирот", едноставна правоаголна градба каде се приредувале верски собири, но и часови по пеење, ноќна школа, школа за шиење и цртачко- сликарска школа.
Во триесеттите години на 20 век, "салата на мирот" била преуредена во гостилница со простран ентериер, за да после тоа стане прочуено кино Славија кое постоеше се до 1991 година, кога е срушено. Овој крај на градот бил познат и по своите кафани. Веројатно најстарата кафана била "Три сељака", трошна куќа со мирис на шљивовица и пршута каде се собирале белградските интелектуалци. Колку плоштадот бил значаен зборува и податокот што првата трамвајска линија во Белград, воведена во 1892 година, била на релација Славија – Калемегдан. Следните децении Славија трпела одредени урбанистички промени, но и понатаму имала карактер на мал но многу жив градски простор. Година дена пред почетокот на Втората светска војна на овие простори, во 1940 година, била предвидена изградба на Митиќевиот магацин, стоковна куќа по углед на германскиот Карлштат, која требало да биде најголемата приватна градба во тоа време во Белград. Еден од најбогатите Срби во тоа време, велетрговецот Митиќ, ја замислил својата палата како "прв белградски department store", вертикален трговски град висок 60 метри со 14 ката со видиковец-галерија на врвот. Плановите биле направени, парите депонирани на Нарадната банка, но зградата никогаш не била изградена. Велетрговецот Владо Митиќ после војната бил уапсен и осуден на казна затвор бидејќи продавал стока на непријателот. Просторот што бил предвиден за таа градба стоел неуреден и запуштен следните шеесетина години, се до 2003 година, кога Белград тука го доби најмладиот парк.
СПОМЕНИК
Иако плоштадот Славија имал карактер на жив, весел јавен градски простор, со голем број кафани, продавници, цвеќарници, слаткарници и со кино, повоените планери имале поинакви идеи. Веќе во 1946 година, архитектот Никола Добровиќ се залагал за "кружно-ѕвездест" облик од затворен тип со "небо како четврта димензија". Одреден бил првенствено транзитниот карактер на плоштадот, каде минувачите ретко ќе наоѓаат причина за задржување. На некој начин инсистирањето на транзит е почеток на она што плоштадот станал и се до денешен ден и останал – транзитно место кое не ги користи во потполност сите свои потенцијали. Откако во хотелот Славија во 1919 година бил одржан конгресот на обединување на социјалистичките партии во нова Социјалистичка работничка партија, и откако традицијата на социјалистичкото движење била врзана за "салата на мирот", повоените чиновници дошле до многу оригинална идеја за централниот дел на плоштадот Славија, па така во 1949 година ги пренеле земните остатоци на револуционерот Димитрија Туцовиќ од војните гробишта во Лазаревац, во централниот дел на плоштадот, што е преименуван во плоштад Димитрија Туцовиќ каде што е поставена и неговата биста. Колку решението било лошо направено говори и податокот што заради сообраќајот во кружниот тек, не постои можност на пристап до централниот простор каде што се наоѓа бистата, па со самото тоа и конотацијата на споменикот била во потполност неутрализирана! На сето ова треба да се додаде и поразителниот податок дека постои голема диспропорција помеѓу големината на плоштадот (пречник 100-120 метри) и големината на споменикот (околу 4 метри, од тоа висината на бистата само 125 см.).
Последните педесетина години, плоштадот Димитрија Туцовиќ не претрпел некои значајни урбанистички промени. Во средината на осумдесеттите години, после повеќедецениска пауза, преку плоштадот повторно помина трамвај, и со самото тоа додатно го искомплицира сообраќајниот карактер на целиот плоштад. Изграден е хотелот Славија, модернистичка зграда од челик и стакло, идниот висински репер на просторните корелации на овој плоштад. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век, започната е изградба на монументалната зграда на Народната банка на Србија, изградена е и модерна зграда на хотелот Славија 2 во близина на модернистичката зграда. Недефинираниот простор на плоштадот и ахитектонскиот израз во потполност го доби својот карактер со рушење на киното Славија, каде што денес се наоѓа Паркинг сервис, со долгогодишниот напуштен простор на такаречената "Митиќева дупка", и со наездата на билборди и реклами во деведесеттите години, како и големиот број тезги и улични трговци.
Во 2009 година српската кинематографија добива одличен играно- документарен филм, "Белградски фантом" со Милутин Милошевиќ во главната улога. Филмот е работен според вистинска приказна за Влада Владисављевиќ, кој украл порше и со денови се бркал со полицијата низ Белград, која не можела да го стигне. Биле правени барикади, го бркал "пола град", но тој со денови успевал да побегне. Пред да ја почне својата претстава, се јавувал во тогаш најслушаното радио Студио Б и најавувал каде ќе вози таа ноќ. Луѓето се собирале и навивале за "фантомот", за кого не се знаело кој е сè додека на плоштадот Славија не бил фатен после една барикада. Владисављевиќ одлежал казна затвор и после тоа погинал во сообраќајна несреќа кај Пожаревац. Поединечни промени во уредувањето на плоштад Славија, кој тоа име повторно го носи од 1997 година, се гледаат низ уредување на некогашната "Митиќева дупка" во еден скромен парк со каскаден карактер и со распишување на конкурс од 2005 година за "споменик на модерна Србија". На тој конкурс победил труд за кој стручната јавност сметала дека е плагијат на многу попознатиот труд на Јапонскиот архитект Тојо Ито (Toyo Ito), Tower of Winds од 1986 година. Со традицијата што ги следи архитектонските конкурси во Белград и Србија, овој проект, како и многу други, никогаш не е реализиран.
КОНКУРС
Се до 2012 година, на различни стручни панели но и на интернет- форуми се расправало како да се уреди плоштад Славија, кој на некој начин е архитектонско исмејување на Белград. Некои од решенијата се и изместување на трамвајскиот сообраќај, уредување на централниот дел, спуштање на целокупниот друмски сообраќај под нивото на плоштадот, што тогаш би станал во потполност пешачки плоштад. Кон крајот на 2012 година, град Белград го претстави своето решение за сообраќај кое подразбира два прстени, надворешен каде би се движеле трамваи и тролејбуси, и внатрешен каде би биле друмските возила. Со такво решение се доаѓа до идеја централниот простор на кружниот тек да го чини фонтана , до која би се дошло со подземни премини, кои покрај тоа имаат за цел да го растеретат сообраќајот колку е можно повеќе. Распишан е конкурс со многу рестриктивни услови, дури и со нелогични граници на просторот што треба да биде уреден, имајќи предвид на пр. дека тротоарот помеѓу коловозот и зградите само делимично бил опфатен со конкурсот. Тоа секако не им пречело на архитектонските тимови кои се такмичеле и испратиле скоро седумдесет трудови. Стручното жири, на чело со градскиот архитект Дејан Васовиќ, не додели прва награда, туку четири втори награди и два откупа.
Според зборовите на жирито, од наградените тимови ќе биде побарано заедно да учествуваат на единственото решение кое ќе биде изведено. Пристигнатите трудови се интересни и прилично различни. Студиото за архитектура 4of7 од Белград, го претстави своето решение кое ја исклучува фонтаната и на централниот плоштад предвидува голем број подвижни бандери, светилки кои имаат динамички карактер. Решението е интересно, помалку несекојдневно, но останува прашањето како жирито го наградил овој труд кој толку отстапува од условите на конкурсот, со оглед на тоа што и самиот назив на конкурсот во себе го содржи зборот "фонтана". Второто наградено решение, дело на архитектонските студија "Метар" и "Ателје АА", според мислењето на жирито, е најдобро решение за користење на подземниот дел на плоштадот, односно спуштање на главните функции под нивото на плоштадот, што беше една од можностите на конкурсот. Фокусот на ова решение е на активностите што можат да се извршуваат во подземниот премин, кој има отвор преку кој се доаѓа до самиот плоштад каде се наоѓаат фонтаната и споменикот во ниво на тлото.
Третото наградено решение е дело на архитектонското студио Re-act, чии членови учествуваа и победија на конкурсот од 2005 година. На некој начин тие своето првобитно решение го приспособиле на овој конкурс, кое потсеќа на споменатата кула од јапонскиот архитект. Нивното дело го сочинува цилиндрична фонтана, висока 15 метри, со кружно шеталиште и голема количина зеленило.
Според зборовите на авторот "водата и вегетацијата се користат како мотив кој ја воведува темата екологија во центарот на градот". Уште една втора награда е доделена на решението што го направи група архитекти на чело со Владица Дрецун. Тоа ја опфаќа централната фонтана со голема водна површина и со огледало кое се наоѓа на тлото. Фонтаната има облик на плитка конкавна чинија со вграден дел кон централните водни атракции. Еден откуп доби студиото 1Х2 за своето решение на предимензиониран сливник, фонтана во облик на прстен долж целиот волумен на централниот дел од плоштадот, и пешачка зона под нивото на фонтаната.
Вториот откуп го доби решението на архитектот Владан Дрндаревиќ, кој предвидел фонтана откаде водата се слива до подземното ниво каде се наоѓа акваријум со подводниот свет на Сава и Дунав. Пофалба од жирито доби трудот на архитектонскиот тим предводен од арх. Милорад Обрадовиќ. Ова решение, кое предизвика големо внимание, предвидува огромна платформа која во потполност го прекрива плоштадот, не само неговиот централен дел туку и целокупниот простор, и станува доминантен елемент. Во анкетата на еден белградски дневен весник, организирана неколку дена по објавувањето на резултатите, најголем број гласови доби токму ова решение.
Останува да се види дали Белград некогаш ќе добие некое решение за плоштад Славија, кое би можело да има некоја врска со распишаниот конкурс, или сè ќе остане на архитектонска визуелизација за конкурс, како што веќе многу пати се случи. И да биде реализирано, дали тоа ќе биде квалитетен јавен градски простор кој на Белград секако му треба, или ќе биде само интересно архитектонско решение кое може и да не функционира ако се изгради. Изгледа дека одбраните решенија се архитектонски интересни, но се поставува прашање колку луѓето сакаат да поминат време во подземен премин и да извршуваат некои активности?
Може ли јавниот простор да биде посетуван ако на него нема клупи, нема дрвја ни зеленило туку само подвижни светлечки бандери? Колку би била прифатлива опцијата на постоење на една мега-градба која во пречник има преку сто метри и се наоѓа на некои десетина метри над земја? Постои ли разлика помеѓу интересно и квалитетно архитектонско решение на јавен простор и квалитетен јавен простор? Дали првото во секој случај значи и второто, ако еден ден биде изградено? Останува тоа да се види во иднина, ако некогаш и биде реализирано заедничко решение, а до тогаш, славата на плоштад Славија ќе ја има единствениот споменик на Димитрија Туцовиќ, приказната за "белградскиот фантом", "страшниот кружен тек" за возачите, "онаа грда стаклена зграда" како што белграѓани ја викаат зградата на Народната банка на Србија, и големиот број на револуционерни авангардни решенија, конкурси, предлози за уредување на еден неуреден плоштад, кој е дел од Белград и на некој начин го отсликува неговиот повеќевековен карактер на недовршен простор кој може многу што да раскаже за себе.
м-р Ѓорѓе Јокиќ, дипл.инж.арх. (СРБИЈА)