Иронично, но континентот кој најмалку продонесува за климатските промени, прв се најде на удар од последиците од овој феномен. Имено, Сахара, најголемата светска пустина, од ден на ден станува се поголема. Поради влошување на квалитетот на почвата и опустинувањето, Сахара секоја година ќе се проширува за 48 километри. Научниците проценуваат дека оваа пустина во последните 100 години се проширила за дополнителни 10% од својата површина. Што значи тоа за природата и луѓето? Топлите лета стануваат уште понеподносливи, сезоната на дождови се послаба, помалку дрвја и зеленило, катастрофални последици по земјоделството односно за луѓето кои живеат исклучиво од оваа дејност. Дури 60 милиони африканци би можеле да станат „климатски бегалци“, а некои и буквално би умреле од глад. Еден од начините на кој може да се спречи дезертификацијата (опустинувањето) е пошумувањето и засадувањето на заштитни појаси дрвја. Стеблата одолеваат и ги ублажуваат пустинските услови и задржуваат влага, па на тој начин е можна обнова на дури 50 милиони хектари земја.
Затоа, африканските земји тргнале во амбициозен проект – Голем зелен ѕид. Пошумениот појас би требало да биде широк 15 километри, а долг дури 7700 километри. Кога ќе се доврши, ќе минува низ 20 држави, од западниот до источниот брег на континентот (од Сенегал до Еритреја). Тоа ќе биде најголемата жива структура на Планетата. Зелениот ѕид би можел да спаси дури 100 милиони хектари земја и да создаде работа за 10 милиони луѓе. „Не станува збор само за изградбата на ѕидот“, истакнува Tabi Joda, амбасадор на Зелениот ѕид од Камерун, „туку станува збор за холистички пристап, враќање кон заедницата. Големиот зелен ѕид ќе обезбеди храна, ќе го подобри здравјето, ќе создаде некои бизнис прилики и ќе биде извор на средства за локалните заедници. Тоа е најголемата африканска прилика.“
Проектот е во тек, а досега најдобри резултати испорачале Сенегал и Етиопија. Другите земји споро напредувале поради економски проблеми, недоверба на донаторите, пандемијата, но и локални судири на вооружени групи. Дека ваков проект не е лесно да се имплементира, потврдува и примерот од Кина, која со слични методи веќе со години се бори против ширењето на пустината Гоби. Генерално, без оглед на причините, напредокот на овој проект во Африка е бавен, резлизиран е одвај 10%. Но, на почетокот на 2021 година, донаторите на средбата во Париз ветиле 19 милијарди американски долари за програмата, што ги враќа надежите овој проект да биде довршен до 2030 година. Некои дури велат дека би можел да стане осмо светско чудо.