Полскиот дипломат Артур Лорковски ќе го води Секретаријатот на Енергетската заедница во наредните три години. Тој го замени Јанез Копач после неговииот деветогодишен мандат. Одлуката за новиот директор ја донесе Министерскиот совет на Енергетската заедница на состанокот одржан во Белград на крајот од минатиот месец. Мандатот на новиот директор започна од први декември.
Регионот можеше да го запознае Лорковски во декември минатата година, при стартувањето на Платформата за поддршка на енергетската транзиција во регионите со јаглен во Западен Балкан и во Украина. Дел од Платформата, која ја води Светската банка, во име на полската влада беше и Националниот фонд за заштита на животната средина и управување со водите, во кој Лорковски беше заменик претседател. Токму од оваа позиција тој доаѓа на местото директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.
Интересно е дека земјата од која доаѓа има убедливо најголем удел на електрична енергија произведена од јаглен во Европската унија – 70%. Тоа е всушност и сличноста помеѓу Полска и мнозинството земји членки на Енергетската заедница, како Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија, Србија. Сепак, Полска прави крупни чекори во енерегетската транзиција. Инаку во споменатиот Фонд, лорковски бил задолжен за следните сектори: адаптација на климатските промени, заштита на водите, екстерни фондови, сообраќај без емисии, мониторинг, реструктурирање и опоравување, иновации и јавна помош. Во 2018 и 2019 година бил специјален претставник на министерот за надворешни работи за климатските промени, а од 2013-2017 амбасадор на Полска во Виена. Во инистерството за надворешни работи каде работел од 2010 година, бил заменик директор задолжен за енерегтска безбедност и климатски промени. Има дипломи од Варшавскиот факултет за економија и националниот факултет за јавна управа.