Климатските промени се рангираат меѓу најголемите опасности по човештвото, па бројни компании сакаат да покажат дека размислуваат поинаку и се грижат за овој проблем. Затоа, многу производи се означени како ecofriendly, organic, sustainаble, …
Секако дека е позитивно тоа што компаниите настојуваат да водат грижа за животната средина, но понекогаш овие наведени означи не се вистинити. Се случува производителите да ги користат и да ги прикриваат проблемите кои ги создаваат. „Екоманипулацијата“ (greenwashing) e вид на маркетинг со кој се настојува производот или услугата да станат прифатливи за онаа категорија потрошувачи која се грижи за животната средина. Кога компаниите и штетат на животната средина, а истовремено тврдат дека се грижат за нејзина заштита – тоа се вика екоманипулација.
Во Меѓународната мрежа за заштита на правата на потрошувачите, неодамна анализирале 500 веб страници, и за 40% од нив утврдиле дека со содржината за пријателскиот однос кон животната средина ги довеле луѓето во заблуда. Облиците на екоманипулација се различни и неретко е тешко да се идентификуваат. Во продолжение, неколку примери:
– Компанијата рекламира облека која е направена од рециклирани материјали, иако остатокот од нејзиниот производен процес е штетен по животната средина
– Состојките во производот се претставуваат како „природни“ или „органски“, а всушност тоа важи само за некои од нив, не за сите
– Производителите се промовираат како субјекти кои плаќаат за загадувањето, а не се подготвени да направат големи промени за помала штета по животната средина
– Со амбалажа во зелена боја и украсена со билки, се порачува дека производот е помалку штетен за околината отколку што навистина е
Понекогаш навистина може да биде тешко да се направи разлика помеѓу фактите и невистинитите информации, кога станува збор за овој феномен. BBC издвојува еден реален пример. Ланецот ресторани за брза храна McDonalds, во 2018 година објавил дека веќе нема да користи пластични сламки за еднократна употреба, односно дека ќе користи само хартиени сламки. Една година подоцна е утврдено дека новите хартиени сламки не можат да се рециклираат.
Со екоманипулацијата се создава привид кај потрошувачот дека купувајќи одреден производ прави добра работа за животната средина, но реално не е така. Активистката Greta Thunberg посебно укажува на текстилната индустрија како актер на ваква манипулација.