По обезбедената донација од одделот за цивилна соработка на Армијата на САД, деновиве во Гевгелија започна реконструкцијата на објектот на Здравствениот дом. Проектот се состои од делумна реконструкција на внатрешноста на зградата и целосна санација на надворешноста. Во рамки на зафатот ќе се обнови вториот кат од установата, во кој е сместена Службата за детска превентива на училишни и предучилишни деца. Покрај ова, предвидено е да се санира и поткровјето. Со донацијата ќе се заменат прозорците и вратите во целиот објект, а ќе се изведе и термичка фасада што ќе штеди топлинска енергија.
Целта е да се подобрат услугите на гевгелиската болница и условите за престој. Со реконструкцијата ќе биде опфатен вториот кат на Здравствениот дом односно Службата за детска превентива, темелно реновирање на внатрешноста, инсталациите, подот, столаријата и кровот по најсовремени светски стандарди за здравствени објекти. За остварување на овој проект ќе се потрошат финансиски средства во износ од околу 400.000 евра. Главниот изведувач „ДОТ Архитекти“ од Скопје треба да го реализира зафатот најдоцна до февруари до година.