Насловна / Вести / Мате Римац – Од гаражата на својот татко до преземање на Bugatti

Мате Римац – Од гаражата на својот татко до преземање на Bugatti

Името Римац  денес е веќе синоним за модерни хиперавтомобили. Амбициозниот Хрват изгради импресивна кариера со молскавична брзина, иако со само 33 години, јасно е дека најдоброто од него допрва треба да го очекуваме.

3

РЕЧИСИ И ДА НЕМА ПРЕПРЕКА КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ АВТОМОБИЛИ

Во 2010 година, Rimac Automobili имал само еден вработен, покрај самиот сопственик. Денес, компанијата има над 1.000 вработени и вреди околу 929 милиони УСД. За речиси една деценија, компанијата се најде рамо до рамо со најголемите играчи во автомобилската индустрија, вклучувајќи ги Porsche, Mercedes-Benz, Hyundai, а од неодамна и Bugatti. Сето тоа благодарение на решеноста на Римац да се втурне во непознатото и да ги следи своите соништа. Иако компанијата е школски пример на успешен стартап, Мате Римац не е класичен бизнисмен. Тој е иноватор, чиј идол е Никола Тесла. Роден е во Ливно, Босна и Херцеговина во 1988 година, и живеел таму до својата тригодишна возраст кога со своето семејство се сели во Германија, а во 2000 година, семејството се сели во Хрватска. Како дете покажувал посебен интерес за автомобилите и за технологијата. Иако не се истакнувал посебно во училиштето, бил предмет на врсничко малтретирање поради својот хрватски јазик со „тежок“ германски акцент. Највеќе сакал да работи на автомобили и на електронски уреди во гаражата на својот татко. Пред да наврши 18 години, тој веќе имал неколку меѓународни награди од различни натпревари за технологија и иновации. Една од неговите први иновации била дигитална ракавица, како замена за глувче и тастатура. Ова е долго пред појавата на екраните на допир. Потоа освоил многу први награди на натпревари за иновации со својот изум Active Mirror System – систем за елиминирање на мртвиот агол кај автомобилите. Дипломирал применети науки на приватниот Универзитет ВЕРН (Sveučilište VERN) во Загреб. Во 2006 година, поради неговата пасија за тркање набавува E30 BMW 323i, но после само неколку трки моторот на овој автомобил е целосно уништен. Тој вградува електричен мотор од 600 hp, и прави модификации во каросеријата со што го трансформира BMW-то во она што Римац го нарекува e-M3. Се разбира почетокот бил тежок, но оттогаш за Римац речиси и да нема препреки кога станува збор за електричните автомобили. Тој победил на првата трка во 2010 година, а овој автомобил срушил серија рекорди во брзина  кои влегле во Гинисовата книга.

Milan,,Italy,-,August,20,,2018:,Rimac,Automobili,Website,Homepage.

СОПСТВЕНИ ИЗВОРИ НА ФИНАНСИРАЊЕ

Компанијата Rimac Automobili била основана во 2009 година, во исто време додека Мате Римац се натпреварувал со својот Rimac e-M3. Токму овој автомобил ќе му послужи како тест- платформа за различни технологии на електрични возила. Во тој период во компанијата работеле само Мате Римац и неговиот пријател Адриано Мудри, кој подоцна станува директор на проектантскиот тим. Се разбира, првите денови на компанијата биле тешки во финансиска смисла, но тие имале среќа да обезбедат финансирање од кралското семејство на Обединетите Арапски Емирати, па во 2011 година го презентираат првиот суперавтомобил Rimac Concept One, на Frankfurt auto show. Првиот хрватски електричен автомобил развива брзина од 200 km/h за 6,2 секунди, а достигнува максимална брзина од 355 km/h. Производството на овој модел е лимитирано само на осум автомобили, но позитивниот моментум продолжува на развојот на нов хиперавтомобил C_Two. Во својата продукциска верзија, денес тој е познат како Rimac Nevera, хиперавтомобил со 1,914 hp и максимална брзина од 412 km/h.

4

Денес, Rimac Automobili е најпозната токму по ексклузивните хиперавтомобили, но според Мате Римац, автомобилите се само еден сегмент од бизнис- моделот.  Тие работат според бизнис-модел кој посветува големо внимание на обезбедување технологија за другите автомобилски компании, помагајќи им да развијат сопствени модели на електрични автомобили со високи перформанси. Ваквиот модел е создаден од практични причини. Во своите рани денови, не постоел интерес за финансирање на развојот на мала компанија за хиперавтомобили, но Мате брзо сфатил дека единствениот начин компанијата да опстане е преку обезбедување сопствени извори на финансирање од испорачување на технологија и експертиза за други производители. Ваквата стратегија, досега се покажува успешна за Rimac Automobili, привлекувајќи за соработка звучни имиња од автомобилската индустрија. Во 2018 година, Porsche ќе затропа на нивната врата со понуда за преземање 10 % од акциите. Денес, тој удел е 24 %. Следен е Hyundai, кој заедно со својата сестринска компанија Kia, инвестирал над 93 милиони УСД, за удел во Rimac Automobili, и за техничко партнерство во развојот на електрични возила.

5

Неодамна, успехот е крунисан со преземањето на Bugatti, со контролирачки 55 % од акциите на овој луксузен бренд. Листата на автомобилски компании на кои Rimac Automobili, им продава технологија и експертиза е навистина импресивна: AMG, Aston Martin, Cupra, Ferrari, Hyundai, Jaguar, Koenigsegg, Magna, Mercedes, Pininfarina, Porsche, Renault… Мате Римац е најголемиот акционер со удел од 37 %, потоа следуваат Porsche со 24 %, Hyundai со 12 %, додека 27 % од акциите поседуваат повеќе помали акционери. Но, ова лето, освен за косопствеништвото на Bugatti, медиумите пишуваа и за неговата свадба во родното Ливно. На свадбата свиреле трубачи од Лесковац, Бајага ја отпеал „Бадеми и сол“, а младенците по црквената венчавка и буквално кренале прашина низ Ливно возејќи се во жолта Nevera, автомобилот кој е изум на младоженецот.

1

ROBOTAXI ВО ЗАГРЕБ

Римац веќе сериозно работи и на технологијата на автономни возила. Rimac Аutomobili започна со реализација на проект тежок 454,2 милиони евра во Загреб. Се работи за развој и воспоставување мрежа на електрични автономни такси-возила во Загреб. Во 2024 година, Загреб ќе стане првиот град во светот во кој ќе биде достапна услугата robotaxi –  користење на самовозечки, електрични такси-возила преку апликација. Основачот на компанијата Rimac Automobili започнува со изградба на комплекс за полнење и сместување на возилата на Сава – на ливада наспроти загребскиот студентски дом „Стјепан Радиќ“. Целиот комплекс би требало да биде завршен до крајот на 2022 година. Услугата на robotaxi во Загреб би требало да биде лансирана до 2024 година.  Комплексот со службено име „Центар на мобилноста“, кој вклучува градски плоштад, парк и објект со е-полначи, е само прв чекор во реализацијата на овој проект најавен во март годинава. Идејата е „Центарот на мобилноста“ на Сава да служи за две цели. Од една страна тој ќе има општествена улога, како место во кое луѓето ќе доаѓаат да се запознаат со новите технологии и во пријатен амбиент да поразговараат со стручњаците. Втората цел е се разбира онаа практичната и функционална – полнење на возилата, но и нивно одржување на еколошки одржлив начин.

8

Навистина метеорски успех на еден млад човек, од кој оправдано уште многу се очекува. Хрватска, со право е горда на оваа своја автомобилска компанија. Од земја без автомобилска индустрија, се позиционираше на врвот. Денес не само што во Хрватска се произведуваат автомобили, туку се произведуваат едни од најмодерните автомобили. Во опкружување во кое многу држави од развиениот свет се посветени на забрана за автомобилите со мотори со внатрешно согорување, Rimac Automobili подготвено ги чека новите предизвици.

Испрати коментар

Scroll To Top