Општина Центар ја почна акцијата за регулирање на статусот на привремените објекти со уривање на запуштените трафики кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Овие трафики беа на листата на објекти кои немаат сопственици, ниту уредна документација. На нивно место, како што најавија од Центар, ќе се направи тревник, а просторот ќе се украси и со цвеќиња.
Во текот на следната недела, пак, ќе продолжи уривањето на уште десетина киосци чии сопственици и по неодамнешниот апел на општинарите, не се пријавиле да ја регулираат потребната документација. Засега, извесно е дека ќе се отстранат неколку трафики во околината на ТЦ „Буњаковец“, во Дебар Маало и Капиштец.
Општинарите информираат дека уште извесен период ќе бидат достапни за сите заинтересирани лица, сопственици на киосци да достават комплетна документација со која ќе докажат дека имаат соодветна дозвола за работа.