Францускиот суд по прв пат го призна здравствено недокажаниот „синдром на турбини“, откако една брачна двојка судски се пожалила дека здравјето им е нарушено поради живеењето во близина на ветерен парк. Во првата пресуда од овој вид во Франција, судот во Тулуз определил 100.000 евра оштета, што треба да биде исплатена од страна на енергетската компанија.
Брачната двојка тврдела дека има низа здравствени проблеми, вклучувајќи главоболки, несоница, срцеви неправилности, депресија, вртоглавица, зуење во ушите и мачнина повеќе од две години, инсистирајќи дека истите се предизвикани од страна на шест ветерни турбини поставени на 700 метри од нивната куќа во јужна Франција. Турбините се поставени во 2008 година, меѓутоа објавено е дека здравствените проблеми на тужителите започнале пет години подоцна. Тие се уверени дека тоа се должи на фактот што била исечена шумата која се наоѓала помеѓу нивниот посед и најблиската турбина. Се жалеле и на бучавата, за која рекле дека е „споредлива со машина за перење која непрекинато се врти, како и на „белите трепкачки светла“ на турбините како посебно штетни за нивното здравје. Се отселиле од тој крај во 2015 година, по што нивните здравствени проблеми за кратко време исчезнале. Иако лекарите не успеале да пронајдат никаков реален здравствен проблем, судскиот вештак рекол дека т.н „синдром на турбини“ претходно е идентификуван со научни истражувања. Една австриска студија покажала дека во суштина станува збор за социолошки феномен и дека е субјективна состојба предизвикана од предупредувањата на еколошките активисти.