Додека пред четири децении еден вреден кинески селанец недалеку од градот Џијан копал бунар, не ни сонувал дека ќе открие вековната тајна и ќе биде протагонист на едно од најголемите археолошки откритија досега. Откритие кое сè уште е обвиткано со превез од големи мистерии и ги инспирира светските научници да дадат се од себе за да откријат некои од нив.
Воините на Сјен или Глинената војска е колекција од преку 7.000 скулптури на војници и коњи, направени од глина, најдени во гробницата на првиот цар кој ја обединил Кина во 221. година п.н.е., Ќин Ше Хуанг.
Сите скулптури се во природна големина, а откриени се во март 1974. година на 33 километри од градот Сјен во провинцијата Шанси од локален фармер од Сјен. Глинената војска е пронајдена на околу 1.5 километри од гробот на Ќин Ше Хуанг на три нивоа. Прво се ископани скулптурите кои се наоѓале на длабочина четири до 8 метри, музеј под име Музеј на првиот цар на династијата Ќин поставен е над урнатините и отворен за јавноста во 1979 година, а целиот музеј е комплетиран во 1994 година.
Владетелот на Кина, Ќин Ше Хуанг, наложил да се направи Глинената војска со задача да го чува гробот на царот, неговото вечно почивачиште и да го следи во неговите посмртни походи. Кога умрел царот заедно со него се погребани и скулптурите, бидејќи се верувало дека така царот со него ќе има војска со која ќе заповеда. Скулптурите гледаат кон исток и се наоѓаат во борбени формации. Секоја скулптура е единствена, посебен впечаток остава тоа што секоја има персонализирани црти на лицето, практично нема две исти. Секоја фигура е направена со неверојатна прецизност и неодоливо наликува на скаменети воини. Скулптурите се вооружени со лакови и стрели, копја, мечеви и др. Во 1980 година откриени се две обоени, бронзени кочии 20 метри западно од гробот на царот. Секоја се состои од 3.000 разни делови и ја влечат четири коњи.
Во 1987 година УНЕСКО ја прогласи Глинената војска за светстко културно наследство.
Војската од глина е во вистинска смисла на зборот, армија, добро организирана и стратешки идеално поставена. Зад повеќе од 200 стрелци кои стојат во првите редови стојат бројни војници вооружени со копја и слично долго оружје со зашилени врвови. Армијата е комплетирана со воени кочии влечени од коњи, исто така направени во природна големина. Нема сомнеж дека ако на кинескиот император му била потребна постхумна армија, подобра не можел да замисли.