Изградбата на MOL Campus висок 143 метри почна во октомври 2019 година, а објектот се планира да биде завршен до есента 2022 година. Откако почна реализацијата на проектот, тој помина низ различни архитектонски, технички, дизајнерски предизвици, но и општествени предизвици, пишува Daily News Hungary.
Првиот облакодер во Будимпешта (висок над 100 метри) се гради во близина на популарната зелена градска оаза, браната Копаши. Зградата на Фостер има специфична форма со двојна крива фасада. Овие површини морале да бидат придружени и со стаклена и со носечка конструкција, така што сите споеви на зградата се соодветно херметички затворени и водонепропустливи.
Дополнително, формата на објектот е модифицирана неколку пати, во текот на изградбата, така што внатрешните површини се соодветно поврзани и транспарентни. Така настанале галериите, зимската градина и пловечките скалила кои не биле во оригиналниот дизајн.
И покрај големата висина, стабилноста на зградата е загарантирана. Гергели Бауман, технички директор на изведувачот Market Építő Plc, објасни дека потребната стабилност на зградата се добива преку две армирано-бетонски јадра кои постојат како столб на градежната конструкција и се опкружени со десет бетонски кружни столбови.
Конструкцијата на кулата била поставена на темелна основа со дебелина од 2,2 метри, која била направена од 4.400 кубни метри бетон. Оваа стабилна конструкција силно ја штити кулата во случај на какви било осцилации или земјотреси.
Според унгарскиот портал Телекс, кулата ќе има 28 ката, а на врвот на зградата ќе има тераса заштитена од ветер со висока челична конструкција, а терасата ќе биде отворена одозгора.
Покрај канцелариите, кулата ќе содржи и простор за фитнес сала, ресторан, менза со балкон, складиште за велосипеди, сала и рецепција. Двете јадра на кулата ќе имаат 21 лифт, како и два противпожарни лифтови, кои ќе се движат со брзина од 18 километри на час, што значи дека од терасата на покривот ќе стигнат до приземјето за половина минута.
Според архитектите од прославеното биро Foster + Partners, „облакодерот се вклопува во архитектонската слика на Будимпешта и создава дополнителна архитектонска вредност“.
Од друга страна, консултантите на УНЕСКО сметаат дека кулата има штетен ефект врз архитектурата на Будимпешта. Многу граѓани се согласуваат дека MOL Campus не се вклопува во панорамата на Будимпешта, а своето противење го изразуваат на социјалните мрежи, собирајќи и објавувајќи фотографии од кулата висока 143 метри видливи од неколку различни точки во градот.
Но, се чини дека изградбата на објектот се одвивала според сите прописи, па отварањето е планирано за есента 2022 година.