Индија не е позната по супер автомобилите, но електричниот погон им овозможува на многумина да ги покажат своите можности на ова поле. Vazirani Automotive е новиот производител на автомобили од Мумбаи, кој го претстави концептот на електричен супер автомобил со импресивни перформанси. Првенствено, се истакнува со својата мала маса, бидејќи Vazirani Ekonk има само 738 килограми. Овој супер автомобил користи воздушно ладење, а целата каросерија е направена од јаглеродни влакна. Што се однесува до моќноста, според најавите на производителот, Ekonk развива 722 hp, што е доволно за забрзување од 0 дo 100 km/h за 2,54 секунди, со што е најбрзиот автомобил било кога произведен во Индија. Иако официјалните бројки не се достапни, компанијата објави дека овој автомобил се одликува со еден од најниските коефициенти на отпор на воздухот меѓу сите електрични супер автомобили. Засега, Vazirani Ekonk е само прототип кој служи за интензивни тестирања на патеката Natrax, во близина на градот Индор во Индија. Сеуште не е познато дали ќе има сериско производство, но технологијата која ја користеле индиските инженери е секако иновативна, бидејќи покажува дека електричните супер автомобили не мора да бидат претешки.