Coca-Cola и PepsiCo четврта година по ред се идентификувани како два најголеми светски производители на пластичен отпад, според најновиот извештај на движењето Break Free From Plastic, „BRANDED Volume IV: Holding Corporate Accountable for the Plastic & Climate Crisis“. Но, овогодинешниот треторангиран Унилевер е главен партнер на Конференцијата на ОН за климатски промени COP26 во Глазгов.
Минатогодишниот извештај на BFFP повика на корпоративна одговорност за загадувањето со пластика, додека оваа година десетте најголеми светски производители на пластичен отпад се одговорни за поттикнување на пластичната и климатската криза.
Поради тоа, движењето BFFP ги изложува најголемите светски корпоративни загадувачи кои продолжуваат да произведуваат пластика и покрај нивните штетни ефекти врз климата, животната средина, здравјето на луѓето и иднината на нашата планета, и ги повикува да го намалат производството на пластика за еднократна употреба и да ги редизајнираат производите.
Во организација на движењето Break Free From Plastic, биле спроведени 440 акции за чистење и ревизија на отпадот во 45 земји во светот, во кои 11.184 волонтери собрале дури 330.493 парчиња пластичен отпад, од кои 58 отсто биле јасно брендирани. Овогодинешната ревизија на брендот откри речиси 20 илјади производи од брендот Coca-Cola, што претставува поголемо количество отпад од следните два најголеми загадувачи заедно.
PepsiCo го задржува своето традиционално второ место меѓу десетте најголеми светски загадувачи со пластика. И покрај неодамнешното прифаќање на обврската за преполовување на употребата на чиста пластика до 2030 година, PepsiCo сепак ќе мора да преземе поамбициозен чекор кон намалување на произведениот пластичен отпад со оглед на големото количество отпад од овој бренд што се наоѓа на плажите низ светот.
За прв пат откако почнаа ревизиите на светските брендови во 2018 година, Унилевер стана трет по големина производител на пластичен отпад во 2021 година, соборувајќи го Нестле од таа позиција. Но, проблемот е уште поголем оваа година бидејќи третиот најголем светски производител на пластичен отпад оваа година е и главниот партнер на Конференцијата на ОН за климатски промени COP26, која се одржува во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември 2021 година што според движењето Break Free From Plastic е особено навредливо.
“Не е чудно што четврта година по ред ги имаме истите брендови меѓу водечките светски пластични загадувачи. Овие компании тврдат дека се справуваат со пластичната криза, но продолжуваат да инвестираат во лажни решенија, соработувајќи со нафтените компании за да произведуваат уште повеќе пластика. Со цел да се запре оваа практика и навистина да почне борбата против климатските промени, мултинационалните компании како Coca-Cola, PepsiCo и Унилевер мора да ја прекинат зависноста од пластична амбалажа за еднократна употреба и да се оддалечат од фосилните горива“, изјави Абигејл Агилар, регионален координатор на Гринпис за кампањата против пластика за Југоисточна Азија.
Пред 26-тата конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP26) во Глазгов, овогодинешниот преглед на брендот открива како пластичната индустрија ја поттикнува климатската криза, при што Coca-Cola Company, PepsiCo и Unilever всушност ја зајакнуваат пластиката.
Една неодамнешна студија на Гринпис, The Climate Emergency Unpacked, за влијанието на индустријата за производи за широка потрошувачка врз проширувањето на производството на нафта, покажа дека водечките корпорации зад пластичната криза, исто така, даваат голем придонес во климатската криза. Имено, корпорациите како Coca-Cola, PepsiCo, Unilever, Nestlé, Mondelēz, Danone, Colgate Palmolive, Procter & Gamble и Mars, наводно купуваат пластична амбалажа од истите производители кои доставуваат пластика на познати петрохемиски компании како Aramco, Total , Ексон и Шел.
Движењето Break Free From Plastic забележува дека речиси 300 организации од 76 земји потпишале отворено писмо до делегатите на COP26 во кое бараат нивно повлекување од екстракција на фосилни горива и производство на пластика и поддршка за инвестиции во алтернативни производи.