Принцот Чарлс ги претстави плановите за изградба на нов, одржлив град во англискиот Кент, 77 километри од Лондон. Проектот за одржлив град и формирањето на целиот пејзаж им беше доверен на архитектот Ben Pentreath и на пејзажната архитектка Kim Wilkie.
Градот ќе се простира на 130 хектари, недалеку од Faversham и има за цел да обезбеди пријатен живот за станбена заедница на луѓе со различни примања, пишува Dezeen.
„Претставен е нов мастер план за основање на 2.500 нови домови, со цел да се обезбедат и 2.500 работни места. Предлогот подразбира изградба на многу квалитетна и одржлива населба со мешовита намена, која ќе стане успешно ново урбано продолжение на градот Faversham“, се вели во соопштението на кралското семејство.
Новиот град, проектиран околу мрежа од улици со дрвореди и централно зеленило, ќе се гради заедно со ново основно училиште, продавници и други комерцијални содржини на растојание кое може лесно да се препешачи, со цел да се поттикне одржлив живот на заедницата.
Предвидено е овој иден град да има акцент на зелените површини во форма на ливади, градини, овоштарници и пошумени велосипедски патеки.
Net – zero стандарди
Преку развивање на планот многу се внимавало на квалитетот на воздухот и звучните влијанија врз идниот град, имајќи ја во предвид близината на прометните сообраќајници М2 и А2. Исто така, предвидено е да биде во согласност со LETI Climate Emergency Design Guide, чија идеја е зградите во Британија да станат net-zero до 2050 година.
Под терминот net-zero се подразбираат оние згради кои мора активно да ги отстрануваат CO2 гасовите од атмосферата. Ова може да се направи со пошумување или уреди за фаќање и складирање на јаглерод.
Работите ќе започнат во текот на 2023 година со изградба на спортски игралишта, како што е на пример терен за крикет, додека станбените згради ќе се градат од 2024 година.